Им се здосадило на сообраќајните знаци па прилегнале исто како и службите

Потпрен на малото ѕидче на тротоарот покрај прометниот булевар „Мајка Тереза“, поранешна „Водњанска“ стои сообраќаен знак кој означува забрането запирање и паркирање. Така е веќе со недели иако урнатиот знак го забележуваат сите минувачи и возачите на бројни автомобили кои минуваат по оваа сообраќајница. Секако, сигурно го виделе и надлежни од општината, од Градот…

Но, ова не е единствен урнат знак кој може да се забележи на градските сообраќајници. Урнат знак кој означува задолжителен правец забележавме и на една од крстосниците на булеварот „Трета македонска бригада“ во населбата Аеродром. И тој така стои со недели без никому да биде повод знакот да се крене и повторно да служи за регулација на сообраќајот.

Вакви примери, за жал, има и на повеќе други сообраќајници по градот. Ако не се урнати, дел од знаците се ишарани со спрејови, облепени со плакати и слично. Годишно околу стотина знаци се предмет на најразлични оштетувања. 

Изгледа знаците си прилегнале да одморат, а одмараат и надлежните… 

Претходна вестДенеска се отвора „Потиснат потенцијал“: првата самостојна изложба на Душко Стефановски
Следна вестИ на празникот нема одговор: Кога ќе се заврши црквата Свети Константин и Елена на улица „Македонија“?