Има ли место за уметност во време на политичката порнографија?

Колумна на Мимоза Рајл:

“Жуборат потоци од човечка крв” запиша своевремено Крлежа. Го убивме ли човекот и неговиот автентичен духовен пат вештачки наметнувајќи уметноста да стане слугинка на политиката? Што, имено денес се случи и ја услови таа невидена експанзија на политиката во сите области на животот, па политиката да стане наша катадневна судбина која до дно ја убива човечноста во човекот и неговата слобода, да твори, да живее по свој избор. Се разбира, од политиката не можеме да избегаме. Но, авторитарните режими кои толку жестоко се применуваат на нашето милје, сакајќи да го земат човекот и неговата слобода, талентот и автентичноста, оригиналноста под своја јурисдик¬ција, мора да ги снема во новата ера, на високиот степен на свесноста. Слободната мисла и слободното творештво на човекот можат вистински да опстојат само ако ја сочуваат својата неприкосновена творечка слобода, својата автономија и својата неза¬висност.

Живееме во времето на т.н. принципиелен антихуманизам. Каква е улогата на уметноста, кога се се раздроби и се потчини кон нејзиното величество политиката? Политиката нурната кон земното и подземното, ги принуди луѓето да ја изгубат онаа духовна кондиција која кажано во стилот на Ниче не “насочуваше кон една готичка насоченост кон небото”!

Денес, нашиот свет е раздробен и искршен на парчиња, тешко се составува во едно цело. Напуштен и презрен, човекот е немоќен да преземе сериозна социјална и интелектуална иницијатива и е осуден на своја речиси космичка осама. Можностите нему повторно да му се доближиме, се сè помали, бидејќи се мали можностите да се урне епистемолошкиот ѕид што е кренат меѓу ЈАС и ТИ. За умот и духот повторно да закрепнат од фуриите на избезуменост и обездуховеност мора да го свртат своето внимание на т.н. Ние-проблемот како нов праксис на животот. Запалениот светилник на уметноста е нежно и крхко трепери во мракот на овосветската ноќ, барајќи да го открие и осветли повторно небото и зорнината на човекот, но за тоа шансите како да се сè помали.

Како времето на убавината веќе одамна да измина.