Има ли метла за дивите депонии?

Македонската метропола никако да се ослободи од дивите депонии. Никнуваат постојано и насекаде. Најчесто, на истите оние места на кои, од време на време, ќе се организираат акциите за чистење од страна на Градот Скопје, општините и комуналците. И новата скопска градоначалничка Данела Арсовска во својата изборна програма имаше ветување дека во првите 82 дена ќе го ослободи градот од дивите депонии. Акциите се организираа, се ичистија депониите и, за жал, по кусо време на истите места пак се трупаше ѓубрето и отпадот.

Една од таквите депонии е и онаа кај градските гробишта во Бутел. И таму, во текот на изминатите неколку денови, екипите на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје расчистија три обемни диви депонии лоцирани на улиците „Александар Урдаревски“, „Цетинска“ и „Боца Иванова„ – во непосредна близина на последната постројка на автобусот 59, кај гробиштата. Активностите ги реализираа десет работници на терен, со употреба на специјални комунални возила – втоварувач, патарка и два кипера и кои подигнаа и отстранија 150 кубни метри  кабаст, градежен и мешан комунален отпад.

Во текот на изминатиот викенд, пак, комуналните екипи расчистија и голема дива депонија лоцирана на булеварот „Босна и Херцеговина“, во непосредна близина на паркингот кај Железничката станица во скопската населба Скопје Север. Оттаму се подигнати и транспортирани приближно 50 кубни метри  кабаст, градежен и мешан комунален отпад… Но, до кога ќе биде чиста локацијата?

Значи, локациите сега се исчистени, исто како што беше и неколкупати претходно. Но, ако нешто не се смени таму повторно ќе никне депонија, исто како и на подрачјето на другите скопски општини. Нешто околу ова мора да се направи бидејќи вака ништо не се решава, освен што им се прави услуга на несовесните граѓани. Надлежните мора да најдат начин да им застанат на крај на ваквите граѓани кои создаваат диви депонии. Ставање на камери, чуварски служби, оградување на просторот… се начини на кои би можело да се откријат и казнат оние граѓани кои таму фрлаат ѓубре. Од нешто мора да се почне за да градот конечно се ослободи од дивите депонии.

Претходна вестАнализа на примероци од 45 мерни места: Водата во Скопје квалитетна за употреба
Следна вест152 санкционирани возачи во Скопје, 99 возеле пребрзо