Магацините на МВР се полни со запленета марихуана. Но, има место за уште да се складира. Ќе бидне ли тоа?
Синоќа МВР објави снимки од досега запленетите 40 тони марихуана, а министерот Панче Тошковски заедно со премиерот Христијан Мицкоски испратија јасна порака дека истрагата нема да застане тука и дека нема да биде изненадување ако заплената стигне до 100 тони.
Премиерот Мицкоски испрати порака до криминалците дека жестоко ќе бидат казнети и дека криминалот бил исплатлива работа во некои други минати времиња.
Инаку, претходно, тој одговарајќи на новинарско прашање кој е министерот за здравство што овозможил полесно добивање на лиценци и начин на работа околу одгледување на медицински канабис, кажа дека „јасно е кој бил, во еден период бил и Венко Филипче”.
Владата синоќа донесе и одлука за контроли на сите фирми што се дел од овој бизнис.
Од опозициската СДСМ се уште нема конкретно изјаснување за оваа голема акција на полицијата и обвинителството, нив деновиве ги интересира само едно: како претходно запленетите 5 тони македонска марихуана во Србија поминале преку граница.
Јавноста, која со одобрување гледа на оваа акција, очекува конкретни одговори: кои се фирмите што го изигрувале законот и кои функционери помагале во тоа.



