Имаме град за 150.000 жители, а во него живеат 850.000 луѓе

Поранешната пливачка ѕвезда, Наташа Мешковска, смета дека на градот му недостасуваат многу работи, а тие можат да се подобрат и со поангажиран однос на самите граѓани…

о Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?
-Скопје е мојата љубов, градот кој ми е во срцето. Во Скопје сум родена и многу сокачиња, ќошиња, мириси ме асоцираат на детството, на средношколските луди години а богами и на убавите факултетски денови. Во Скопје се случуваа моите први спортски успеси, првите освоени медали, првата симпатија, првите излегувања на клупи пред Ванила, првото држење за рака со дечко, итн, итн…

о Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?
-Факт е дека градот ни е драстично променет, но тука не е проблемот. Сите поголеми градови доживуваат миграција на населението, зголемување на број на жителите, но кај нас тоа се случува масовно (од село во град) а при тоа не се менува инфраструктурата. Имаме град за 150.000 жители, а во него живеат 850.000 луѓе. Значи, нам ни треба комплетно нов план, ново Скопје, проширено, продолжено, прочистено и модерно.

оДали Вие доволно му дадовте на градот?
-Мојот допринес на Скопје е што сум личност која со години промовира здрав живот, физичка активности и спорт. Моите заложби да се воведе физичко воспитание во градинките и да се зголеми фондот на часови по физичко, во основно и средно образование, успешно се реализираше. Исто така, преку мојот матичен факултет ФФКСЗ успеавме да издејствуваме нов закон за вработување професори по физичко од прво до петто одделение. И најважно, јас сум единствениот тренер по пливање кој има обучено над 5.000 деца да знаат да пливаат, плус студенти и возрасни.

оСо што најмногу се гордеете во Скопје?
-Водно ми е спасот за чист воздух и рекреација, кејот на Вардар, Старата скопска чаршија со својот интернационален шарм, Калето и Музејот на современа уметност со својата автентична убавина, Градскиот парк, природните убавини на Матка, сокачињата со меани во Дебар маало…

оПреголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?
-Скопје вака како што е сега е токму по мој вкус што се однесува до големината. Но, инфраструктурата мора да се менува, оти има многу поголен број на возила отколку во минатото.

оШто Ви недостасува во градот, а што би одзеле?
-Ми недостасуваат повеќе дрвја, повеке зеленило, пешачки патеки, вело-патеки насекаде и паркинг гаражи во центарскиот дел. На пример, во Дебар маало нема ниту една. Ми фалат ботанички градини, покриени базени, повеке спортски објекти, чист Вардар, можности за кајак и веслање долж Вардар, повеќе лизгалишта, и слично.
Би ги срушила сите висококатници кои спречуваат струење на воздухот, би ги казнила сите загадувачи, би ги згрижила уличните кучиња и мачки и би организирала топол оброк и сместување за секој жител кој живее во сиромаштија.

оВо какво Скопје сакате да живеете?
-Би сакала Скопје да е модерен град како што е на пример Амстердам кој исто не е огромен, но функционира беспрекорно. Тоа значи повеќето жители да се движат со велосипеди, да има трамвај како јавен превоз и да ги воспитуваме децата од мали, во училиште, како да се однесуваат со заедничкиот простор и како да бидат одговорни према она што е општествено.

оСкопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?
-Институциите ни се одамна уништени, за жал. Некои градоначалници се обидуваат да помогнат, но тоа се ретки примери. И мислам дека сите заедно, и ние граѓаните треба активно да се вклучиме во сите активности, а не да бидеме пасивни и само да критикуваме. Одличен пример за тоа е „Не биди ѓубре“.