Колумна на Драган Колчаковски:
Низ сиот период на социјализмот, во Скопје само еднаш имав видено странски амбасадор. На средината на 80-те години во Националната Библиотека имаше изложба на стари португалски мапи и амбасадор на Португалија беше дојден од Белград. По официјалните говори, нам, на студентите ни беше особено впечатливо што амбасадорот не почасти со вино Порто, за поблиску да ја претстави неговата земја пред нас.
По независноста на Македонија почнавме да ги гледаме амбасадорите секој ден на изложба, во ресторан, на телевизија… Нешто што ми оставаше непријатен впечаток е речиси сите, своите официјални настапи ги започнуваа со иста реченица: „Вашата убава земја…“ Иако, оваа реченица ја употребуваа за да не не навредат со тогашната референца, а од друга страна за да не ги прекршат дипломатските протоколи со употребата на уставното име, сепак сите тие навистина мислеа дека Македонија е убава земја.
Сите овие дипломати, кои и нема каде не биле, движејќи се од скопскиот аеродром кон градот го забележуваа комплетниот пејзаж… поглед од кој застанува здивот. Од лево им е планината Китка со повисоките делови на Јакупица зад неа. Десно им е Скопска Црна Гора, а пред нив Водњанската планина. Нешто потаму е Жеден и на крајот Шара со доминатниот Љуботен…
Оваа глетка, нам, што сме родени тука, низ нашето секојдневие ни е нешто вообичаено и не обрнуваме големо внимание, но за човек кој прв пат доаѓа тука, веднаш ја забележува убавината. Уверен сум дека ако некој патник ја пропатува меридијански цела Европа од крајниот север до југот, на овој повеќе од 2.000 километри долг пат, најинтересниот дел ќе му биде помеѓу Табановце и Богородица. Сето што ќе го забележи низ тоа долго патување како природата, ќе го види и на овие, не цели 200 километри должина, а ќе види и нешта што само тука ги има.
Во публикацијата „Почвите во Македонија“, академик Филиповски напомнува дека од околу 40 различни типови почви кои се сретнуваат во Европа, речиси сите ги има и на територијата на Македонија.
Од мојата професија, геоморфологијата, можам да кажам дека, освен еолскиот релјеф (песочни дини и сл), сите останати генетски типови релјеф се присутни, а кога е во прашање геодиверзитетот, единствено што недостасува е активен вулкан.
Доволно ја имам, преку истражување, запознато и природата на Турција. Нејзината природа е со исклучителна разновидност, но тоа е огромна територија со над 780.000 км/2. Сето што може да се забележи во Турција, без разлика дали се термалните извори на Памук Кале или егзотичниот денуцациски релјеф во Кападокија, или други нешта, го има и овде на територијата на Македонија, на само 25.000 км/2.
Според зоогеографското зонирање на слатките води во светот (поделба според живите организми кои егзистираат во реките, езера, извори, мочуришта), најголемиот по површина регион, Палеоарктичкиот, кој ги опфаќа цела Европа, западните делови на Северна Африка, предниот дел на Азија без нејзините југозападни делови, централниот и сиот северен дел на Азија е поделен на три биогеографски субрегиони: европско-централноазиски, сибирски и охридски.
Оваа природна убавина, обврска е на нашата генерација да ја зачува. За жал се повеќе гледаме насилство врз природните убавини, без почитување на законите: шумата на Водно се сече и се градат здради, Охридското езеро е се позагадено, во Маврово никнуваат облакодери. Ако надлежните продолжат да не го слушаат гласот на еколошките здруженија и не го спречат ова, ни следува еко катастрофа.