Имаше ли криминал во „Скопје 2014“ или се ќе заврши само со рушење еден споменик?

Ни беше најавувано дека ќе се расчисти криминалот во големиот проект „Скопје 2014“, само требало да ги избереме да дојдат на власт. Пред тоа со месеци тогашната опозиција не убедуваше дека криминалот е огромен. И еве веќе скоро две годни таа опозиција е на власт и ништо од расчистување на криминалот. Не се открива лесно? Не се ни бара? Или пак криминал воопшто и немало? На ваквите прашања вистинско време е да се даде одговорот.

По она што се случува сега, прашање е дали тој одговор воопшто и ќе биде даден. Последната изјава од Специјалното јавно обвинителство дека нешто се истражува околу проектот за кој се потрошени околу 600 милиони евра е дадена уште во јуни минатата година. Досега е започнато само едно судење за тендерите за изградбата на Стариот театар кое што постојано се одлага и не се знае дали и кога ќе заврши. Други случаи не се ниту на повидок иако се зборуваше дека прво се истражуваат најскапите споменици, скулптури… Сето тоа кај граѓаните предизвикува сомнежи дека ќе се дознае целата вистина за тоа дали и како биле злоупотребени нивните пари.

– Верувам дека во нашата држава има селективна правда, криминалците не одговараат, туку си уживаат во “спечаленото”, тука во Македонија се одговара само за крадење марули и кебапи. Не верувам дека некој ќе одговара, ниту дека истрагата ќе заврши со конкретен заклучок. Сигурно ќе има пак некоја амнестија, ни рече скопјанката Ирена Костовска.

Кога во 2010-та година со видео-презентација беше најавен проектот и дека ќе се прави со првична цена од 80 милиони евра од страна на функционери на тогашната владеачка партија ВМРО-ДПМНЕ, ова веднаш предизвика противење. Тогашната опозиција, а сегашната владеачка партија СДСМ беше категорична во ставот дека тоа е неприфатлив проект со кој се менува македонската историја и се крадат државни пари. Кога кон крајот на 2015 година беше прогласен за завршен тогашната власт соопшти дека десетици споменици, мостови, плоштади, фонтани, згради, фасади.. чинеле вкупно 207 милиони евра. Но, сегашната власт таква сметка не прифати. Напротив, се тврдеше дека е направен голем криминал.

-Кога СДСМ ќе дојде на власт ќе спроведе целосна истрага за проектот „Скопје 2014“. Отворени се сомнежите дека стотици милиони евра се потрошени на незаконски начин во целиот проект. Затоа е неопходна ревизија на целиот проект Скопје 2014. Новата влада на СДСМ ќе спроведе целосна и обемна истрага, изјави во март 2013 година партискиот потпретседател Дамјан Манчевски, кој сега е министер.

Слично зборуваше и актуелниот скопски градоначалник Петре Шилегов во негова кампања за локалните избори во 2017 година. И градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ во своја програма најави дека ќе поднесе и детален отчет за целиот проект.

Оттогаш па до сега во јавноста на излезе ниту еден нов детал околу предистражната постапка за овој проект. Односно, не се знае дали се најдени трагите каде се завршувале буџетските пари. Во меѓувреме, врзано за „Скопје 2014“ во февруари минатата година започна само еден судски спор во случајот „Тендери“ во кој главнообвинета е поранешната министерка за култура Елизабета Канческа – Милевска. Таа е обвинета дека фаворизирала една фирма во јавните набавки околу изградбата на Стариот теaтар. Но, и тоа судење се постојано одлага. Сето тоа во јавноста подгрева шпекулации дека се можни најразлични договорања оти баш Канческа – Милеска помогна на власата во промена на името на Македонија.

– Ќе се забошотат некои работи, заради тоа што власта ги искористи некои од виновниците околу „Скопје 2014“ за свои цели. Им дадоа заради тоа преќутна амнестија. Казнет на крајот пак ќе биде само народот кој издвојуваше пари од своите плати, за да некој се богати и си гради што посака низ Скопје, револтирана е Емилија Станковска.

Целиот текст може да го прочитате во бесплатниот неделник СКОПСКО ЕХО