Инаугурација на папата Лео: Испрати моќна порака до светските лидери

16

На плоштадот Свети Петар во Ватикан денеска се одржува инаугуративна миса предводена од папата Лео XIV, со што официјално ја започнува неговата служба како 267-ми поглавар на Римокатоличката црква.

Папата Лео ја заврши својата проповед во која зборуваше за потребата од единство во Црквата, но исто така предупреди на опасностите од религиозната пропаганда.

-Браќа и сестри, би сакал нашата прва голема желба да биде за обединета Црква, знак на заедништво што станува движечка сила за помирен свет, рече тој на италијански јазик.

Зборувајќи за „службата на Петар“ – ученикот на Исус Христос, на чиј гроб, според верувањето, се наоѓа Ватикан – тој истакна дека таа „се карактеризира со љубов што се дава без резерва“.

-Бидејќи Римската црква води во љубов, а нејзиниот вистински авторитет е љубовта Христова, таа никогаш не смее да се занимава со освојување на другите со сила, религиозна пропаганда или моќ, додаде тој.

-Секогаш само се работи за љубовта – онака како што Исус го правеше тоа.

Во продолжение на говорот, папата Лео го критикуваше глобалниот економски систем кој, како што рече, ја експлоатира Земјата и ги турка најсиромашните на маргините.

Тој, исто така, предупреди на опасноста од централизирање на моќта во рамките на папската функција, велејќи дека ќе се стреми да владее без никогаш да подлегне на искушението да стане автократ.

На крај, тој ги повика верниците да останат заедно како еден народ, да одат кон Бога и да се сакаат едни со други.

Литургиската служба започна во 10 часот пред базиликата Свети Петар во Ватикан, а на неа присуствуваа делегати од 150 земји и десетици илјади верници, пренесуваат медиумите.

На Папата му беа врачени официјалните симболи на неговата папска функција – на прстот му беше ставен рибарски прстен, што ја симболизира врската на Папата со Свети Петар. Прстенот се уништува или крши по смртта на папата.

Претходна вестАлбанија и Велика Британија отвораат заедничко производство на воена опрема
Следна вестЛазаров го одреди составот на Алкалоид со кој ќе тргне во финалната битка против АЕК