Инцидентот кај „Мавровка“ почна кога протестната колона беше нападната со шишињата и камењата од надвозникот

Тешкиот инцидент којшто се случи синоќа кај ТЦ „Мавровка“ започнал откако на граѓаните кои протестираа почнаа да се фрлат шишиња и камењата од надвозникот под кој во тој момент поминувала колоната. Тоа се гледа од видео-снимка која денеска се појави на социјалните мрежи а на која се забележани деталите и текот на инцидентот. На снимката, која трае околу седум минути, се гледа како на надвозникот се појавуваат неколкумина млади луѓе кои почнуваат да гаѓаат кон колоната. Во тој момент на надвозникот има и двајца полицајци кои не успеаа да ги запрат.

Инцидентот потоа се пренесе на долниот дел од надвозникот, на празниот простор околу споменикот на Скендербег. Таму се појавува поголема група на млади луѓе кои не се маскирани и на кои јасно им се гледаат лицата. И тие почнуваат да фрлаат кон колоната шишиња, лименки и камења со очигледна цел некого да повредат. Во тој момент, на тој простор, има само двајца полицајци кои не се обидуваат посериозно да интервенираат. Од протестната колона се издвојуваат неколкумина одважни момчиња кои им одат во пресрет на напаѓачите за да ги запрат.

Во тој момент се појавува и лицето со пиштол којшто го вперува кон граѓаните.

-Пиштол има, пиштол има…, се слуша на снимката како граѓаните ги предупредуваат полицајците и од нив бараат да интервенираат за да му го одземат.

Едно момче од колоната, незаштитено со ништо и само со ранец на себе, само тргнува кон пиштолџијата за да му се спротивстави. За среќа, пиштолџијата не се реши да пука во него.

-Што чекате луѓе, што чекате…, извикуваат граѓаните кон 2-3 полицајци кои се уште не се осмелуваат да тргнат кон пиштолџијата.

Потоа, тој испука два истрела во вис и пиштолот пак го насочи кон граѓаните. Дури тогаш дојдоа 5-6 полицајци кои почнаа да го бркат за да му го одземат оружјето и да го приведат. Тој почнува да бега кон Старата чаршијата а полицијата по него. Група на напаѓачи кои претходно малку се повлекле зад зградата пак се вратија и продолжија да гаѓаат со шишиња и камења. Тогаш дојдоа малку повеќе полицајци и инцидентот почна полека да се смирува.

 

Претходна вестПендаровски: Очекувам сите лица кои вчера беа инволвирани во инцидентот да бидат соодветно санкционирани
Следна вестСпасовски тврди дека полицијата го спречила инцидентот кај „Скендербег“, но дали ја имаше доволно за да тој воопшто не се случи?