Инспекторите не може се да постигнат, во Скопје имаме само пет инспектори на терен, објасни денеска в.д. директорката на Инспекторатот за животна средина, Ана Петровска.
Таа денеска рече дека бројот на инспекциите е се поголем, дека имаат и попладневни дежурства, но сепак не можеле да ги исполнат сите обврски. За наредната година се планирале уште осум нови луѓе, иако поради обемот на работа и тие најверојатно нема да бидат доволни.
-Единствен лек е посинхонизирано и поефикасно да се координираме со градските инспектори за да формираме мрежа на инспекциски органи. И тоа е нешто што деновиве се случува. Но приоритет ни е да сме на терен, пет инспектори треба секаде да стасаат, рече Петровска.
Според неа, овој број треба барем двојно да се зголеми, бидејќи во североисточниот регион, кој што го покрива има рудници со големи капацитети, а исто така и во Пробиштип и Кочани, а секако треба и да се зајакне Скопје.
-Нема инспектори за природа, има само еден. Охридскиот регион треба да се покрие, националните паркови, заедно со шумска полиција да работиме и со Испекторатот за шумарство и ловство. Имаме само двајца водостопански инспектори, а не знаете колку дозволи за водно право има, за регулација на речни корита, голем предизвик е со овие луѓе со кои работиме да бидеме достапни и за викенд и ноќе, додаде Петровска.