Искршените цреши не возбудија 5 минути

Поминаа пет дена кога беа искршени две млади садници на јапонски цреши кои во ноември беа засадени на улицата „Максим Горки“. Јавноста се возбуди пет минути и толку… се сврте кон други исчашености кои се случуваат во Скопје. Но, колку време се возбудија градските институции? Дали само кога се фотографираа при садењето беа таму или и сега наминуваат во тој дел од градот? Ги бараат ли уште сторителите на вандализмот?

Судејќи по досегашните искуства со неоткривањето на вакви вандали, тешко е дека и последните ќе ги стигне заслужената казна. Неказнети останаа и оние „ѓубриња“ кои почнаа да ги палат новопоставените контејнери за собирање на ѓубре, Како и оние кои почнаа да ги кршат новите корпи за фрлање на поситни отпадоци. Да не зборуваме за тоа дека до сега без каква и да е последица поминаа крадците на тукушто посадените цвеќиња, на украсни грмушки, борчиња… како и на други вандалски работи со кои се нагрдува градот.

Сето ова што се случува повторно го отвора прашањето како да се штити заедничкиот имот на сите граѓани? Очигледно, свеста на дел од скопјани се однесуваат незрело и се зрели за казни. Надлежните мора да најдат начин ваквите постапки да се санкционираат. Во спротивно, дали воопшто вреди да се трошат пари за подобрувањето на изгледот во градот. Дали, на пример, по последниот вандализам ќе се јави некој нов донатор кој ќе плати за садење на нови јапонски цреши? 

-Жално е ова што се случи со црешите. Ова е веќе премногу и такво дивеење и некултура не може да поминат неказнето. Сигурен сум да ако биде казнет некој кој прави ваков вандализам, дека другите ќе размислат дали да прават таков нешто. Вака излегува што и да се направи по градот залудно е, вели скопјанецот Марко Петровски.

Градот Скопје мора да им се објави војна на вандалите, за да се зачува градот. Во спротивно, да не се чудиме (дури 5 минути) ako уште новонасадени цреши пострадаат.