Колумна на Габриела Илиевска:
Денес во најградскиот град, градот на конзулите и клавирите сѐ е отпревртено однопаку. Во знакот на буквата Ш. Тоа трае од поодамна, не е од сега:
– Широк Сокак е широк, но полупразен и тажен
– Шахтите не функционираат, па и најмал дожд предизвикува поплави и други шашарми несвојствени за урбано живеење во 21 век;
– Шалтери во Битола колку да сакаш, реален сектор кој произведува реални вредности – ниту за лек;
– Шебек – партии кои седнуваат од еден во друг скут, ја кројат судбината на градот;
– Шерифи, партиски, се разбира, штрафтаат низ Битола, а и добро се офајдија. Имаа добри учители;
– Штркот сѐ поретко го посетува градот;
– Штурците се на позиции, мравки сѐ помалку;
– Шипинки за градот и граѓаните;
– Шашарма е сѐ;
– Шитната е партијата, шо би рекле бељотчиите;
– Шах-мат за Битола…
– „А“ како аерозагадување ќе почека;
– „В“ како велосипедски град, ќе почека;
– „Е“ како европска ќе почека;
– „Клавирите” и „Конзулите” ќе почекаат.
Ќе почекаме некои подобри луѓе и времиња кога место бушавата азбука повторно ќе почниме да ја средуваме Битола од А до Ш.