Историчарката Котлар: Ќе биде најлош вид на фашизам доколку Делчев го прогласат за Македонец во регионална смисла, а…

-Тоа ќе биде најлош вид на фашизам. Ова е реакцијата на познатата историчарка Наташа Котлар, по изнесените дипломатски извори од МНР на пратеникот Антонијо Милошоски каде стои дека премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов на средбата во Бугарија во ноември треба да се согласат дека Гоце Делчев е Македонец во регионална смисла, но Бугарин во народно-етничката припадност.

-Доколку не дај Боже, се случи македонскиот револуционер Гоце Делчев заради политички намери „спроти новите дни“ биде прогласен за „Македонец во регионална смисла, но Бугарин во народно-етничката припадност“, тогаш тоа ќе биде најлош вид на фашизам!

Со споменатата формулација би се ништел историскиот развој на македонскиот народ, неговата национална и државотворна содржина, независно од фактот, колку таа се одвивала на самобитен и специфичен начин. Во еден ваков случај, сите би биле виновни – Европа (ЕУ), Бугарија, политичарите од републиката Северна и други, правејќи нелегитимен и нецивилизациски чин! Не само ништејќи ја македонската народносна определба низ историската вертикала, туку и погазувајќи го македонски дух!

Македонскиот народ оддамна го има затворено историскиот круг на географското (регионалното) поврзување: Македонија – македонски, на политичкото: Македонија – на Македонците, сè до етничкото Македонија – Македонец! Токму заради ова терминот „Македонија“ има содржина на единствен народен-социјален-културен-духовен-битов простор за Македонецот!

Затоа споменатата формулација за Гоце Делчев и другите македонски револуционери би бил анахронизам и многу злобна политичка намера. Зар во ова современо време би требале да се вратиме назад во еволуцијата и да се определуваме за народноста како: Пелагонци, Тиквешани, Егејци, Мариовци, со северномакедонска, или некоја друга определба – можеби наметната!

Од друга страна овде политиката не само што ја ништи досегашната државотворна историја на македонскиот народ, туку се меша и во науката, обидувајќи се да ја претвори во свој инструмент со т.н. „комисии за историски прашања“. А тие пак, определувајќи се да ѝ се повинат на постојаната политичка, партиска, идеолошка или друга ненаучна кауза, ја губат научната легитимација на нивната работа, пред целокупната јавност. Тоа би бил срам, огромен срам за сите нас!

Независно од сите услови на времето, потиснувањето што го чувствуваме од страна на власта, умствената бесилност и отсуството на сознанието за своите задачи и обврски на сите нас во македонското општество!, напиша на Фејсбук истотичарката од Институтот за национална историја, Наташа Котлар.

Претходна вестГруевски: Денешната истрага е лага смислена за прогон и хајка против мене и други луѓе  
Следна вестДури 12 пациенти починале од вирусот, најмладиот има 41 година, новозаразени се 161 лице