Историската комисија е формирана со политички тенденции да удоволи на Бугарија

Со Александар Атанасовски, универзитетски професор на Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје зборуваме за историјата, за случувањата околу мешовитата македонско-бугарска комисија за историја…

Членот на македонскиот дел на македонско-бугарската комисија за историја Ванчо Ѓорѓиев неодамна поднесе оставка и изнесе сериозни обвинувања за притисоци и отстапувања од македонските „црвени линии“. Како ја доживувате оваа оставка?

– Оставката на Проф. Ѓорѓиев ја доживувам како негов личен морален чин. Впрочем, право на секој член во било која Комисија е, ако работата на Комисијата не се одвива според правилата, да може да си поднесе оставка. За тврдењата дека имало политички притисоци, не можам да кажам што се случувало. Но, ништо не ме чуди, бидејќи Комисијата е формирана од МНР со јасни политички тенденции да се удоволи на нечовечните, неосновани и неаргументирани барања на владата на Р. Бугарија. Во Собранието на Р. Македонија беше усвоена Декларација за македонските црвени линии. Очигледно, некој сакал да ги пречекори тие линии, а вистински историчар не треба да се согласува со такви постапки. Историјата не е и не треба да биде за дневна политика. Историјата е наука.

Како гледате на работата на оваа Мешовита комисија воопшто? Треба ли јавноста да знае што е договорено до сега?

– Веднаш да истакнам дека лично јас заедно со 27 други колеги историчари, уште кога се потпиша Договорот за добрососедски односи, во кој што имаше клаузула за формирање на Мешовита комисија за историски прашања, бев против, и потпишавме Манифест (Меморандум), кој што беше испратен до сите амбасади во Македонија и до јавноста. Во тој Манифест (Меморандум) јасно беа посочени негативните последици од тој Договор за Р. Македонија. Никој од Владата не го зеде тоа во предвид. Беше формирана Комисија целосно некомпетентна. Од наша страна имаше членови за античката и нововековната историја. За средновековната и најновата историја немаше и сега нема претставници. Исто така од Институтот за историја при Филозофски факултет како член беше само проф. Ѓорѓиев, останатите членови се од ИНИ.

Секако дека јавноста треба да биде запознаена со тоа што е договорено. Но, тоа најверојатно се планира да биде соопштено на крајот (ако има крај).

 Мислите дека таа Комисија воопшто не може нешто да реши и договори?

– Таа комисија не може ништо да реши, бидејќи нема ингеренции да ја менува историјата. За да се реши нешто преговорите треба да се водат на рамноправно ниво, без ултиматуми и закани, со меѓусебно почитување. Погрешно се толкува терминот „Општа историја“. Бугарската страна го толкува како „заедничка“, нашата како „споделена“ или „измешана историја“, јас би додал дека тоа е „испреплетена историја“. Таа Комисија требаше да организира Научни средби (симпозиуми) за сите спорни прашања помеѓу македонските и бугарските специјалисти за периодите на кои се однесуваат споровите, со меѓусебно уважување и почит. Ултимативните бугарски барања треба да се отфрлат, бидејќи за македонскиот јазик и за македонскиот народ и култура е безпредметно да се разговара. Од друга страна не може Бугарија да се меша во внатрешните работи на Р. Македонија, а ние да не се мешаме во нивните. Тие да бараат заштита на „бугарското“ малцинство во Македонија, а самите да не признаваат постоење на македонско малцинство кај нив.

РЕФОРМИ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО НЕ СЕ ПРАВАТ СО ДЕКРЕТ

Како гледате на образовните реформи во земјава, и предметот Историја беше засегнат со нив. Треба ли реформите да продолжат и каков статус да има предметот Историја?

– Образовните реформи тргнаа наопаку и во погрешен правец. Едноставно излегоа од колосек. Реформите треба да бидат иницирани од базата, наставниците во основното и професорите во средното и високото образование. Во тие реформи треба да учествуваат сите сегменти. Кај нас тоа се спроведува со декрет, што не води кон добро. Прво, во светот министрите за образование треба да имаат минимум 15 години искуство во образовниот процес, кај нас министерот за образование нема оддржано ниту еден час настава. Второ, направени се тимови од партиски послушници кои што треба да ја спроведат идејата на Министерот, што исто така не е добро за образованието. Во реформите треба да се исклучи политичкото и партиското влијание.

За предметот историја, ќе кажам како е тоа во светот. Во сите држави историјата, јазикот и културата се основни и носечки предмети во образовниот систем. Впрочем во дефиницијата за Државата се содржи тоа: Државата е територијална заедница која има географски граници, население, историја, јазик и култура. Без кој и да е елемент државата не може да постои. Посебно не без историја, ама историја без политика. Поговорката „Историјата е учителка на животот“, значи да се извлечат поуки од минатото за да не се повторуваат во иднината.

 

Претходна вестЛовеа гласови на спортот, сега нека направат нешто за него
Следна вестЌе облечат ли нов дрес некои пратеници на СДСМ?