Историската комисија со Бугарија станува „историска“ – ќе паузира до октомври

Копретседателот на македонско-бугарската историска комисија, Ангел Димитров вели дека нема никаков напредок во разговорите меѓу историчарите, затоа што има застој во исполнување на Договорот за добрососедство.

– По желба на нашите колеги, следната средба ќе биде во октомври. Во Договорот за добрососедство не е ништо исполнето, така што претпоставувам дека Скопје ќе направи напори за да покаже дека има желба за да постигне некаков напредок во другите сфери како инфраструктурата. По сите области во договорот, застојот е неверојатен. И тоа е главната причина зошто не се исполнети условите за меѓувладина средба и давање зелено светло за почеток на преговорите за евроинтеграција. Тоа е главниот проблем, а не работата на историската комисија, изјави Димитров.

Димитров оценува кој е главниот проблем – тоа е односот кон бугарската историја и она што Македонија го смета за своја историја.

– Таа точка треба да биде оздравена, но неопходна е катарза за историската наука и целото општество. Тешко е тоа да се случи наскоро ако нема политичка волја. Но не само политичка волја, туку и одговорност на науката во целото општество кај нашите колеги од Северна Македонија, порача Димитров.