Истражување на Галуп: 80 проценти од македонските граѓани очекуваат 2023 да биде полоша или иста како претходната година

Осумдесет проценти од анкетираните македонски граѓани очекуваат 2023 да биде полоша или иста како претходната година, покажало истражувањето на меѓународната асоцијација „Галуп интернешенел“ за крајот на годината што традиционално се спроведува последните децении.

-На прашањето: “Што се однесува до Вас, дали сметате дека 2023 година ќе биде подобра, полоша или иста со 2022 година?”, 14 проценти од анкетираните граѓани се изјасниле дека ќе биде подобра, 44 отсто рекле дека ќе биде полоша, 36 проценти дека ќе биде иста како 2022, а 6 отсто не знаеле/немале одговор, се наведува во анализата на истражувањето.

Над половина од македонските граѓани – 57 проценти – очекуваат година на економски потешкотии но, на личен план речиси половината се изјасниле дека се чувствуваат среќно.

Истражувањето “Крајот на годината” на Галуп Интернејшенел е традиција од 1977 година и се спроведува секоја година. Оваа година се спроведе во 34 земји во светот во текот на октомври-декември 2022 година при што биле интервјуирани вкупно 35.664 лица. Во земјава БРИМА го спроведе истражувањето со теренска анкета (ТАПИ), лице в лице, во домот на испитаникот, на национално репрезентативен примерок со 1206 испитаници на возраст над 15 години, во период од 1 до 19 декември.

Помалку од една третина (31 отсто) од испитаниците веруваат дека 2023 година ќе биде подобра од 2022 година. Спротивното мислење го делат 34 отсто, а 27 проценти веруваат дека 2023 година ќе биде иста како претходната. Резултатите покажуваат поголем песимизам во споредба со минатите години и сликата сега е слична на ставовите од крајот на 2008 година, која беше година со најголем песимизам во светот во новиот век. Како што посочуваат резултатите, најоптимистични за иднината се луѓето во Нигерија, Пакистан, Казахстан, Филипини и Индија. На крајот од оваа година топ 5-те песимистички земји се европски – Полска, Чешка, Србија, Франција и Италија.

Претходна вестАвтомобил се запалил од петарда
Следна вестЧавушоглу до Грција: Не барајте авантура