Итен состанок на НАТО за падот и експлозијата на ракета во Полска

НАТО денеска ќе одржи итен состанок на кој ќе се разговара за експлозијата во источна Полска во близина на украинската граница во која загинаа две лица. Со состанокот на амбасадорите на НАТО во Брисел ќе претседава генералниот секретар Јенс Столтенберг, кој ќе одржи прес-конференција околу 12:30 часот по средноевропско време, се наведува во соопштението на НАТО.

Европски дипломат и двајца претставници на Северноатлантската алијанса за британската агенција изјавиле дека на состанокот ќе се разговара за падот на ракетата во источна Полска.

Полските власти објавија дека две лица загинале во експлозија во областа Хрубешов во источна Полска, но без да потврдат дека се работи за руски проектил.

Полското Министерство за надворешни работи соопшти дека ракетата паднала врз Пжеводов, село на околу шест километри од границата со Украина.

Русија ја отфрли одговорноста за експлозијата. Полскиот претседател Анджеј Дуда им рече на новинарите дека „најверојатно се работи за проектил од руско производство“, но дека нема конкретни докази кои би покажале кој ја истрелал проектилот и дека се работи за еднократен инцидент.

Американскиот претседател Џозеф Бајден по разговорите со лидерите на западните земји изјави дека ракетата во која загинаа две лица во Полска најверојатно не била истрелана од Русија, пренесе Ројтерс.

Тројца неименувани американски официјални лица, цитирани од АП, денеска изјавија дека прелиминарните проценки сугерираат дека украинските сили го испукале проектилот во кој загинаа две лица во Полска и дека проектилот бил истрелан од украинската противвоздушна одбрана.

Претходна вестМВР: Дојави за подметнати бомби во 7 скопски училишта, во тек се антитерористички проверки
Следна вестМедведев: Западот водејќи хибридна војна против Русија се приближува кон светска војна