Итно нека ни ја вратат радиодифузната такса

 

Колумна на Никола Тасев:

Изборната кампања ги заслепе министрите. Сега можат да видат само како да им се помогне на сопартијците да победат на изборите. И сега сакаат да видат само ракоплескање на нивните ветувања за се и сешто. Тоа не е добро! Министрите се платени да видат што е реалноста во Македонија и со работа да ја подобруваат.

Ама предизборното слепило е зафркната работа и еве на пример не гледаат дека во Македонија животот станува се поскап. Цените на сите производи се зголемуваат. Граѓаните се исплашени, бараат реакција од Владата ценовното цунами да се намали, ама Премиерот не го гледа тоа – загледан е во митинзите – кој дошол – кој не дошол.

А одреагира веќе Стопанската комора со предупредување дека до крајот на годината цените на производите ќе се покачат и до 50 отсто, ако Владата не преземе нешто. Ама министрите  раскажуваат по средби со граѓаните дека ќе им направеле чешма, а дупката на патот ќе ја пополнеле со цемент.

Апсурди!

Во последните четири години, квалитетот на животот континуирано опаѓа, а цените растат и се зголемува индексот на трошоци за живот. Загрижувачко е тоа што само минатиот месец цените на мало се зголемиле за 5,6 отсто. А Владата во кампањата уште раскажува за укинатата радиодифузна такса. Или како што некои нивни функционери објаснуваа: секое македонско семејство е побогато за 170 денари месечно.

Соседот мој со години нема проблем со цените на горивото – секогаш точи за „илјадарка”, како што знае да каже на шега. Сега го слушам и тој е загрижен: „не стига” – објаснува. И во право е, речиси на секои две недели имаме повисоки цени на горивото. Само годинава бензинот е поскапен за 14 денари. Па ете на соседот му „отиде” заштедата од радиодифузната такса со полнење на десет литра бензин во резервоарот.

Можеше ли Владата да го ублажи скокот на цените на горивата? Прашање кое си го поставува јавноста, а од власта вака оди одговорот: по Нова Година пензиите ќе бидат повисоки за 200 денари. Во нивни стил кажано: следната година секое семејство што има пензионер ќе биде побогато за уште 200 денари месечно. Па ете од каде соседот ќе го дополни резерворат со бензин, без да се почувстува поскапувањето. Од радиодифузната такса 170 денари, од пензиите плус 200 денари – доволно за уште десет литра бензин по „стара” цена.

А во маркет со страв да влезеш: зејтинот, млекото, лебот, брашното, шеќерот… се е поскапо. Државниот завод за статистика пресметал дека во септември биле потребни 1.000 денари повеќе за основните продукти отколку во август. Колку ќе биде таа разлика во декември?

Но се гледа дека власта е комотна. Впрочем во нивните мисли и ова не е проблем, затоа што минималната плата ја покачија на 15.000 денари. Е оди да видам некој од министрите да преживее нормално еден месец со минималната плата.

А по изборите, ако тргне и инфлацијата да оди нагоре, џабе ќе е и номиналното покачувањето на минималната плата, „значајното” зголемувањето на пензиите и „судбоносното” укинувањето на радиодифузната такса.

Затоа, мора да делуваат брзо. Ако треба нека ја вратат радиодифузната такса, ќе издржиме и без таа нивна помош, но само нека се борат против ценовниот бран кој веќе не поплавува.

 

Претходна вестГерманците овој пат пресилни за македонските фудбалери
Следна вестПациентите со ковид да не се лекуваат дома ако тоа не им го препорача матичен и тоа на писмено