Внатрешни судири повторно се случуваат во редовите на Исламската верска заедница откако поглаварот на оваа верска заедница реисул улема Шаќир Фетаху сменил дури петмина членови на Ријасетот кој е најважен управувачки орган во заедницата. Според сознанијата, сите тие лица, кои дотогаш извршуваа одговорни функции, се префрлени на други работни места во рамките на ИВЗ по одлуката донесена од реисот Фетаху на 22 мај. До ова дојде откако претходно во јавноста се појавија информациите дека во ИВЗ имало обид за пуч со цел да се изврши смена на реисот Фетаху кој на чело на ИВЗ дојде во 2020 година по смената на дотогашниот реис Сулејман Реџепи. Наводно, според неофицијалните информации, имало обид за одржување на таквата седница на дел од членовите на Ријасетот но на неа не дошол доволен, мнозински, дел од членовите за да може да се донесуваат одлуките. По ова, следувала и реакцијата на ресиот Фетаху.
„Скопско ехо“ се обиде да добие официјална потврда за ваквите информации од портпаролот на ИВЗ Агрон Војника но на нашите прашања не добивме одговор.
Но, денеска е објавено јавното писмо на Мухарем Вејсели, директор на Агенцијата за Халал стандард, и член на Ријасетот на ИВЗ, еден од разрешените од страна реисот Фетаху. Тој испрати јавно писмо адресирано до претседателот Стево Пендаровски, спикерот, Талат Џафери, премиертот Димитар Ковачевски, министрите Груби, Спасовски, Лога, судските институции, Обвинителството, Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи и дипломатските претставништа во Скопје, во кое ги објаснува причините за состојбите во ИВЗ.
-Не постоел никаков обид за пуч, туку поглаварот, самоволно, без почитување на Уставот на ИВЗ, решил да се пресметува со неистомисленици во ИВЗ, наведува, покрај другото, Вејсели.
Тој објаснува дека ресиот Фетаху, според Уставот на ИВЗ, нема право да врши систематизација и прераспределба на работник, а најмалку дека може да разрешува член на Ријасетот на ИВЗ. Вејсели во писмото наведува дека состојбите почнале да ескалираат откако реисот Фетаху кон крајот на март успеал на седница на Ријасетот успеал да наметне одлука цената на аранжманот за аџилак на верниците да изнесува 6.550 евра иако членовите на добиле никаков извештај за тоа дали имало тендер и понуди за хотели и авионски превоз на верниците. Освен ова, се наведува во писмото, Фетаху исполнил и услови за пензионирање но не сакал да замине од функцијата.
-Никој не можел да замислува а не да предвидува дека Шаќир Фетаи е подготвен да креира, спроведува и реализира пуч спрема колективниот орган Ријасетот на ИВЗ. Се со цел да избегнува седница на Ријасетот за неговиот статус откако ги исполни условите на законско пензионирање. Во недела 21 мај 2023 год, во вечерните часови Шаќир Фетаи, се спуштил во акција за спроведување на мрачниот план – измисленото сценарио пуч во ИВЗ, тврди Вејсели.
Тогаш, се наведува во писмото, Фетаху во седиштето на ИВЗ собрал десет члена на Ријасетот со образложение „да се спаси ИВЗ од пуч“, но не биле повикани останати членови на Ријасетот. Но, кога видол дека нема мнозинство за одлучување подоцна сам си донел одлуки за разрешување и прераспределување на петмина членови на Ријасетот. Сите овие лица подоцна поднеле жалба за одлуките на ресиот.
-Со ова реисот прави пуч кон Ријасетот, сака да му се продолжи мандатот и по исполнување на законските услови за пензија, сака да го организира одењето на аџилакот, а што е класична злоупотреба на службената положба и овластувања. Веруваме во функционирање на институциите на правната држава, и без сомнение земајќи ја во предвид сериозноста на состојбата очекуваме итно дејствување и преземање законски мерки согласно нивните уставни и законски надлежности, порачува во писмото Мухарем Вејсели.
И Јусуф Зимери, кој е еден од прераспределените, реагираше на одлуката на ресот Фетаху. Во објавата на неговиот профил на Фејсбук Зимери напиша дека реисот страда од тешка форма на егоцентризам.
-За жал, се чини дека оваа болест го погоди и нашиот реис, па оваа одлука што тој ја носи, која нема ниту правен ниту правен вкус, ниту исламски вкус, ниту морален вкус едноставно ја носи и потпиша човек кој е погоден од оваа аномалија, наведе тој.