Избегнувајте ги секојдневните политички труења и сапуници

Актерката од помладата генерација Стефанија Митовска пред малите екрани поминува само малку време бидејќи на телевизиите не може да пронајде нешто што би било причина за подолго задржување.

Што им препорачувате на скопјани да гледаат на ТВ?

-Она што јас би им го препорачала на скопјани е истото во кое што јас сакам да потонам, а тоа е уметноста. Филм, театар, музика, било што. Она што за жал, кај нас се помалку и помалку го има. Веќе неколку години престанав да ги следам нашите канали бидејќи не можам да најдам нешто во кое што ќе можам да уживам. Но, сепак, бидејќи се уште многу сакам барем на кратко да погледнам нешто на телевизија, би им препорачала програми на кои што можат да откријат некој нов свет и да научат нешто ново. Има многу канали каде што се емитуваат емисии за историја, природа и уметност и кои што вреди да се погледнат.

Што сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат и да го сменат ТВ каналот?

-Секојдневните политички труења и сапуници. Каналите кои што ни пренесуваат информации дека државата ни цвета. Каналите на кои што само се трачари, а не се постигнува ништо, односно никој не покренува иницијатива да се смени нештото и секако  тоа се истите тие канали кои што не ни оставаат простор да се надоградиме самите себеси и да научиме нови работи. Баш напротив, само не уназадуваат  и не ни дозволуваат да размислуваме out of the box.

Што би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?

-Би направила емисија во која што многу ќе се зборува за уметноста.  Емисија од која што ќе дознаваме и учиме многу нешта поврзани со уметноста. Кога бев мала, се сеќавам дека имаше една емисија во која што ги пуштаа сите моментални светски хитови. Бидејќи немавме интернет, секое сабајле станувавме да ги слушнеме омилените песни. Ми фали такво нешто. Нешто што едвај чекаш да го пуштиш, исто како порано. Исто така би направила едукативни емисии за историјата и природата.

Дали Скопје е доволно застапено како тема македонските телевизии?

-Мислам дека многу малку  се пренесува она што навистина треба народот да го слушне, барем колку што гледам. Се пренесуваат сите лоши работи, но никако да слушнеме за некој нов скопски бенд или некој cool уметнички настан , перформанс или концерт. Она што луѓето ги крева и им влева надеж. Нови работи кои што менуваат многу кај нас, во општеството. Има многу вакви настани низ Скопје кои што вреди да се посетат и секако, сите да дознаат за нив.