Избегнувајте вести, најчесто не успеваат во ништо друго освен да ги збунат гледачите

Советoт до скопјани од младата и позната јутјуберка Оливера Каменаровска е на малите екрани да го следат она што ги прави исполнети и креативни.

о Што им препорачувате на скопјани да гледаат на ТВ?
– Немаме голем избор околу тоа што би гледале на македонска телевизија па ќе издвојам само две работи: препорачувам да не се пропушти ниеден од ретките случаи кога има македонски филмови бидејќи како човек запознаен со таа област сметам дека имаме задоволителен број на ремек- дела кои би требало да добијат повеќе време на малите екрани и поголем дел од нашето внимание. Емисии од научен и истражувачки карактер исто така би биле мој избор бидејќи се начин на кој преку опуштање и релаксирање на умот, сепак на ефикасен начин учиме и осознаваме нови работи. Накратко, според мене секој треба да го гледа она што го прави да се чувствува среќен, креативен и слободен.

о Што сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат и да го сменат каналот?
– Вести. Било кои вести, на било која македонска програма, бидејќи се полни со непотребна политичка содржина и новости кои прават граѓаните да се чувствуваат непријатно. Најчесто не успеваат во ништо друго освен да ги збунат гледачите и неприфатливо да влијаат на нивните лични избори. А помал, но се уште присутен проблем се турските серии чии број е се поголем. Навидум безопасни, но сметам дека се навистина голема опасност за деца на возраст од 5-10 години.

о Што би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?
-Било каква емисија од уметнички карактер, емисија која би ја разбудила креативноста на гледачите и би одговорила на одредени прашања поврзани со уметноста и културата. Емисија во која би гостувале докажани личности од било кое поле на уметноста, кои не би зборувале 40-тина минути за нивниот приватен живот и естрадните промени, туку би се посветиле она што го творат, да им го доближат на гледачите.

о Дали Скопје е доволно застапено како тема на македонските телевизии?
-Скопје е прилично застапено ако го гледаме споредено со другите македонски градови. Знаеме се што е непотребно за главниот град, кој политичар поминал денес во центарот, која градба се запира и колку нови се започнуваат на нејзино место… Знаеме дека се протестира, но не знаеме дали и на каде ќе бидат пренасочени автобусите. Знаеме дека скопјани не одат во театар, но не знаеме што има на репертоар.. Знаеме еден куп непотребни информации кои не тераат да си оформиме мрачна, лоша слика од Скопје. Ретко кој знае дека Скопје е мило, отворено за сите, со културни настани во МКЦ и мали настанчиња во Градски Парк. Скопје не е само сивило од недоградени градби и бројни споменици.