Изборниот законик е заглавен во Собранието поради блокирањето од ДУИ

43

Премиерот Мицкоски ги отфрли критиките од граѓанските иницијативи дека големите партии во сакаат да ги истиснат независните од учество на локалните избори.

Според Мицкоски за измените на Изборниот законик со кои меѓудругото се подигна прагот за собирање потписи за независните кандидати постои парламентарен консензус и од поголемите и од помалите партии во Собранието, а за тоа што тие се уште се заглавени во Парламентот одговорноста ја гледа во законоданиот дом.

-Така што не би рекол дека се големите партии, би рекол дека има парламентарен консензус. Тие можеби така условуваат, но јас сум тука да ја кажам вистината. Тоа е вистината според нив, јас ја кажувам онаа вистина која што е вистинска. Така што тоа е она што јас го знам. А дали затаиле или не, мислам дека тоа прашање е најдобро да ви го одговори македонското Собрание, изјави Мицкоски.

Изборен законик е заглавен во Собранието поради блокирањето од ДУИ и немање Бадентерово мнозинство. Интегративците ги блокираат и измените на законот за локална самоуправа лути на одлуката на Владата за намалување на бројот на советници во општините заради усогласување со податоците од последниот попис и согласно резидентното население кое живее во општините. Од ДУИ и денеска побараа Владата веднаш да ја укине ваквата одлука, која според нив е дискриминаторска.

-Сега е моментот кога може да се дејствува за да се спречат сериозни последици врз легитимноста на претстојните локални избори. Доколку Владата не ја коригира оваа неправда, тогаш одговорноста ќе падне врз сите оние кои, со своето молчење или соработка, го легитимираат институционалната дискриминација против граѓаните и исклучувањето на дијаспората од јавниот живот. Во спротивно, ние како политички субјект ќе бидеме принудени да ги искористиме сите правни и институционални средства за поништување на оваа одлука и за заштита на легитимните права на општините и на нашите граѓани, изјави Адеми.

Во членот 34 од Законот за локална самоуправа, на кој се повикуваат и од ДУИ, јасно е наведено дека бројот на членовите на советот се утврдува во зависност од бројот на жителите во општината. Од Владата остануваат на ставот дека станува збор за техничка одлука заради усогласување со податоците од последниот попис, по кој 17 општини ќе претрпат измени.. Во три ќе се зголеми бројот на соевтници, а во 14 ќе има намалувањето.

Според усогласувањето од пописот, во Гостивар ќе има најголемо намалување на бројот на советници, од актуелните 31, по изборите ќе брои 23, бидејќи бројот на жители падна под 40.000. Во Кичево од 23 ќе се намали на 19 советници, Струшкиот совет ќе изгуби четири советници, односно од актуелните 27 ќе брои 23 советници, но освен во Западна Македонија, намалување на советници ќе има и во општините во Источна Македонија. Во Кратово – од 15 на 11, Крива Паланка – од 19 на 15 советници, Куманово – од 33 на 31 член на Советот, а Пехчево – од 11 ќе брои 9 советници.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна вестСанкции за 98 непрописно паркирани возила за седум дена во Центар
Следна вест(Видео) Прва скопска ТВ: Се сретнаа кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за Карпош