Изгорената Главната пошта шест години чека обнова, но не е Нотр Дам па да се сетат на неа

Кога изгоре црквата Нотр Дам во Франција македонската влада се возбуди и веднаш најави помош. А има ли во нашата земја голем и познат изгорен објект кој е заборавен? Има, Главната пошта во Скопје. Еве како таа изгледа и по шест години откако изгоре: црни ѕидови кои се гледаат преку искршените прозорци на влезната врата која стои заклучена, однадвор може да се ѕирне што има и во поранешната главна сала на некогашната гордост на градот Пошта 1. Се гледаат остатоци од исгореното, соголени ѕидови, остатоци од метална конструкција… Надвор, во подножјето на влeзните скали веќе никнала поголема депонија. Има секакво ѓубре, па дури и остаток од пластична кабина од една телефонска говорница. Прашање на денот е кога ѓубрето ќе се натрупа до врвот на скалите бидејќи само се собира, а никој не го расчистува.
Дали е решено ова убаво здание да биде оставено да пропаѓа?
Во катастрофалниот пожар кој се случи во јануари 2013 година изгоре се што беше внатре, а што им служеше на граѓаните за користење на поштенските услуги. Но, ова зграда, дело на познатиот македонски архитект Јанко Константинов, за скопјаните секогаш беше повеќе од обичната поштенска зграда. Таа, во форма на цветот на лотос, беше и архитектонска гордост на градот, чест мотив на туристичките разгледници. За нејзината уметничка вредност придонесуваше секако и импознатниот мурал на академскиот сликар Борко Лазевски кој се наоѓаше на влезниот дел. Во пожарот и тој беше уништен и, за жал, по се изгледа и тој ќе биде неповратно загубен.
-Ова е наше типично однесување. Она што е вредно, што е значајно за градот е оставено и целосно да пропадне. Ова е вреден објект и треба да се обнови во неговиот автентичен изглед. Мора да добие некоја намена, да биде корисно за претпријатието и за граѓаните. Не треба да се чека веќе, ни вели Георги Константиновски, наш познат архитект.
Изминативе години само се потврда дека за ова драгоцено архитектонско дело веќе како никој да не се грижи. Единственото нешто што во овие години се случуваше беше распишувањето на неколку тендерите за реконструкција. Откако не успеа обидот преку распишан тендер, пет месеци по пожарот, во јуни 2013 година да се реконструира целиот објект, оваа компанија досега се обидуваше тој да се средува етапно. Меѓутоа, и тоа се прави неуспешно. Пред две годни беше распишан јавен оглас за избор на проектантската фирма која ќе изработи основен проект за реконструкција на кровните светлосни куполи над шалтер –салата во „Пошта 1“. Меѓутоа, и покрај ова, пола години потоа, покривната контрукција се уште не е средена. Тендер за реконструкција на куполата имаше и во 2016-та година, но и тој заврши неуспешно.
Единствено нешто што досега е санирано беа бетонските делови на покривната конструкција на кои е поставена и хидроизолација и кои се основа за поставување на покривната конструкција. На, за жал на тоа и се запрело.

Требаше да биде сала за едношалтерски систем
Според досегашните планови, главната сала во иднина ќе треба да има поинаква намена – ќе служи за потребите на граѓаните во рамките на државниот проект за воведување на едношалтерскиот систем. Со него, граѓаните на едно место би требале да завршуваат повеќе административни потреби. Но, како што целиот проект стагнира така очигледно стои во место и обновата.