Изложба „Мајчинство“ во Чифте амам

Националната галерија ја најави годишната програма по повод одбележувањето на 75 годишнината од нејзиното постоење. Програмата ќе започне со изложба по повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март. Изложбата која е насловена „Мајчинство” – дела од колекцијата на Националната галерија, ќе биде поставена денеска во просторот на Чифте амам.

-Месец март традиционално по шести пат, на календарот донесува тематска изложба по повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март. И повторно жената, со сета своја убавина во фокусот на темата која овој пат го допира најисконскиот биолошки наратив, мајчинството. Оваа тематска изложба е со посвета на понежниот пол и испраќа честитка до сите жени. Изложбата е насловена „Мајчинство” – дела од колекцијата на Националната галерија и ќе биде поставена во просторот на Чифте амам на 7ми март. Прикажува селектиран избор на македонски и странски автори, кои претежно припаѓаат на првите генерации уметници, а ја обработуваат темата мајка и мајка со дете. Селекцијата опфаќа дела кои се дел од богатата збирка на Националната галерија. Изложбата брои околу четириесеттина дела – цртежи, слики, икони, скулптури, таписерии, фотографии на плотер принт. Застапени се нашите автори од првите генерации: Димитар Андонов Папрадишки, Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димче Коцо, Димо Тодоровски и автори од Југословенската колекција како: Павле Симиќ, Лука Тошановиќ и др, информираат од Национална галерија.

Како што најавуваат, одбележувањето на 75 годишнината ќе продолжи со претставување на проектот (Landscape Experiences) на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, претставници на минатогодишното 59. Венециско биенале. Претставувањето ќе биде во Чифте амам на 30 март 2023.

-Станува збор за мултимедијален проект кој во себе вклучува видео инсталации, објекти и фотографии. „Естетиката“ на напуштените (запуштени) пејзажи, ставени во нов контекст, со нови слоеви на транскрипција на диспозитивите живот-смрт, убаво-грдо, здраво-отровно се присутни и во досегашните истражувања на уметниците, а во проектот (Landscape Experience) уште повеќе се продлабочуваат, укажуваат од Националната галерија.

Претходна вестПолицијата трага по убијците кој вчера усмртија две лица во Чаршија
Следна вестМакедонија имаше асли жени херои – да го следиме нивниот пример