Измачуван коњ колабира на улица во Скопје-Север

Коњ колабирал на улицата во населбата Скопје Север откако веќе не можел да го издржи напорот од влечење на натоварената влечна кола. Фотографиите на кои се гледаа коњ како лежи на улицата се објавени на Фејсбук – страницата Ѕид на сообраќаен срам, при што покрај него стојат неколкумина лица. Од она што се дознава, коњот набрзо починал. Ова е веќе трет случај со изнемоштен коњ во Скопје за само недела дена и кој треба да ги алармира надлежните органи за негрижата кон овие животни.

-Ова мора да запре; Дајте да им се одземат коњите, ги измачуваат до смрт, без нега, јадење, без ништо. Преземете нешто, жално и срамота, се наведува во коментарите на граѓаните објавени на социјалните мрежи.

Пред една недела беше оставен да умре, прегладнет и дехидриран коњ на Кеј кај Железничка станица, а таков случај имаше и во населбата Злокуќани.

„Скопско ехо“ неодамна повика да се превземат итни мерки за да се спасат коњите од секојдневно злоставување и измачување! Една од најважните мерки е да донесат забрани за нивна употреба во урбани средини, затоа што тоа, освен што ги загрозува животните, во опасност ја доведува и колективната безбедност на улиците. Вакво барање денеска упати и Здружението Анима-мунди од каде соопштија дека нивни барања досега на наишле на прифаќање кај надлежните органи.

-Побаравме од кандидатите за градоначалници пред локалните избори да се заложат за ургентно воспоставување на забрана за движење на влечни коли со коњи во урбани средини. Никој децидно не кажа дека конечно ќе запре мачењето на овие животни, потенцираат од Здружението.