Израел потврди дека извршил напад врз зградата на иранската државна телевизија во Техеран, откако претходно ги предупреди жителите од таа област да се евакуираат.
-Нападот се случи по голема евакуација на локалните жители. Израел ќе го напаѓа иранскиот диктатор каде и да се наоѓа, изјави израелскиот министер за одбрана Израел Кац.
Иранската државна телевизија објави дека повеќе вработени загинале во нападот на нејзиното седиште.
-Тие работеа до последниот момент пред нападот. Државната телевизија и нејзините вработени ќе издржат до крај, кажа шефот на програмата Пејман Џебели.
Илјадници луѓе работат во нешто што наликува на мало село, каде што е сместена државната телевизија. Израелските одбранбени сили (ИДФ) кажаа дека телевизијата била комуникациски центар што го користеле иранските вооружени сили за воени цели.
-Ударот им нанесе директна штета на воените способности на иранските вооружени сили, кажа ИДФ.

