Израелската војска го одложи планираниот упад во Појасот Газа, кој го контролира Хамас, за неколку дена поради лошите временски услови, се вели во извештајот на Њујорк Тајмс објавен доцна синоќа. Копнената офанзива требаше да започне овој викенд, но делумно беше одложена поради облачното небо што би им отежнало на израелските пилоти и оператори на беспилотни летала да обезбедат воздушна поддршка за копнените сили, објави американскиот весник, цитирајќи тројца неименувани високи израелски офицери.
Израелската војска во саботата вечерта соопшти дека подготовките за „интегриран и координиран воздушен, морски и копнен напад“ врз Појасот Газа се при крај. Во офанзивата се очекува да учествуваат пешадиски единици, како и тенкови и инженеринг, пишува американскиот весник, повикувајќи се на официјални претставници. Се очекува копнените сили да добијат заштита од борбени авиони, хеликоптери, беспилотни летала и артилерија од копно и од море.
Војната започна со ракените напади на Хамас врз Израел во кои загинаа 1.300 луѓе. Израел одговори со одмазднички воздушни напади врз крајбрежната енклава во кои досега загинаа повеќе од 2.300 луѓе. Тајмс пишува дека копнената операција би можела да го вовлече Израел во повеќемесечна војна.
Иран во саботата во објава на социјалните мрежи предупреди дека ситуацијата би можела да излезе од контрола со „далекосежни последици“ доколку не бидат запрени „воените злосторства и геноцидот“ на Израел.
Од друга страна, висок израелски функционер го обвини Иран дека се обидува да отвори втор воен фронт со распоредување оружје во или преку Сирија.