Екипи на МВР, САЕ Тигар, ренџерската служба на НП „Маврово” и локални жители извлекоа две лица од Мавровско Езеро, на кои им се превртел чамецот. Како што информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК) извлечените лица се мнаоѓаат во возилото на итната медицинска помош.
Претходно, ЦУК соопштија дека полицискиот хеликоптер со тим од САЕ Тигар со чамец се упатиле кон двете лица кои се потпирале на нивниот превртен чамец.
Од ЦУК посочија дека двете лица од превртениот чамец успеале да го превртат и вратат чамецот во нормална позиција после што успеале да се вратат во чамецот и чекале да бидат извлечени од Тигрите.
-Благодарност до храбрите припадници на Одделот за воздухопловни единици и САЕ „Тигар“, како и на сите други кои денес со брза и одлучна акција, успеаја да спасат две момчиња од водите на Мавровското Езеро.
Ова е уште една потврда дека полицијата е тука за граѓаните во секоја ситуација, подготвена да реагира и кога станува збор за сложени акции за спасување животи, напиша министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.