Извршителите да се вратат под судската власт, да работат за плата

Со Ана Глигорова од граѓанската иницијатива „Стоп за извршителите“ зборуваме за протестите на граѓаните околу работата на извршителите и начините како да се реши овој проблем кој засега многу граѓани…

оЗошто се протестира против извршителите, што е тоа што предизвикува ваше незадоволство, што е тоа што е проблематрично во нивната работа?

-Во Македонија се случува финансиски геноцид на голем дел од граѓаните. Интервентноста на решавање на овој проблем иницира револт и потреба од континуирани протести. Покрај нискиот стандард, симболичните плати и пензии граѓаните треба да плаќаат и огромни виртуелни долгови за застарени сметки, или напумпани со казната, камата, награда за извршители, нотари, адвокати. Сметаме дека оваа спрега доверител – банки- извршители и останати, функционира мафијашки со пикирање на потенцијални жртви, поединци кои поради икс причини не можеле да го платат основниот долг, кој во овој процес станува ирелевантен, неважен, со оглед на сумата која личноста, човекот кој е од крв и месо, треба да ја плати одеднаш или со одбивање од примања. Таа сума го надминува основниот долг и по десет, дваесет пати со што системот на наплата станува крајно нехуман, нечовечки, предаторски. Дел од извршителите во текот на наплатата направиле прекршоци, но и кривични дела, а целта била личноста која била дискриминирана, понижувана, осиромашена. Ги повикуваме граѓаните да поднесат поплаки до Министерството за правда за работата на извршителите, кои со начинот на извршување ги згазиле основните човекови права. Ги има многу. Во мигов се блокирани над 88. 000 сметки на граѓани, а над стотина илјади се извршуваат.

оКолкава поддршка имате за вашите барања од граѓаните, колку граѓани се засегнати со тоа што го прават извршителите?

-Поддршката од граѓаните е голема, тие ни пишуваат секојдневно, се јавуваат со своите случаи, и сите без исклучок се резигнирани на процесот на извршување поради, огромните, нереални суми кои ги добиваат, и односот на извршителите кон нив. Поддршката секогаш била голема, и кога ги собиравме потписите, и виртуелно и во реалноста по импровизираните штандови низ државава. Во мигов поднесуваме поплаки до Министерството за правда секој вторник во 11 и 30 часот. Веќе се поднесени извесен број на поплаки, лично напишани од луѓето кои дојдоа до министерството.

оШто предлагате? Како да се врши наплата на долговите што е посебен проблем во нашето општество и заради што беа воведени извршителите?

-Овој начин на наплата, преку извршители кои се во исто време и приватници кои работат за профит, а и се одговорни и пред Извршната власт и дел од Судската власт, се покажа како катастрофален. Луѓето се фрлени во должничко ропство. Предлагаме извршителите да се вратат под судската власт како што беа пред 2005 година, да работат за плата, извршувањето на сметките за комуналии да не биде за сметки постари од една година. Да се смени членот во Законот за платен промет во кој извршителите имаат право преку банката да ја блокираат сметката на човекот. Каков е тој нечовечки чин на блокирање на сметка? Па уште и за одблокада да се плаќа неразумна сума на пари кон банката, која, замислете, се појавува и таа како доверител, па си бара 2.000-3.000 денари. Во Законот за облигациони односи треба да се намали казнената камата до толку, што при крајната наплата на долгот сите трошоци заедно со неа да не ја надминуваат висината на долгот. На што личи тоа кога личност за основен долг од 2.000 ден. плаќа 20.000 ден.? На кражба зад која стојат низа членови од различни закони. Пред се и над се, да се почитува застарувањето на долг, а не да се процесуираат антидатирани сметки, или да се наплаќаат долгови повеќекратно поголеми од главницата. Правда мора да има за сите, а тоа може да се добие преку ревизија на работата на извршителите.

оДали имате одговори од министерството за правда во однос на вашите барања, дали барањата се прифатливи?

-На состанокот во Министерството за правда надлежните ни образложија дека работат на измени на законот за извршување, дека се работи и на закон за отпис на одредени долгови кон јавни претпријатија. Сепак, најголем проблем останува во доменот на големите монополи, на крупниот капитал со кој тешко ќе одат преговорите. Во ова класно поделено општество само со социјалистички мерки може да се поместат острите граници на класните разлики.