Извршителите ги затворија канцелариите, ги сакаат наградите нечепнати

Канцелариите на извршителите во градот и земјава денеска останаа затворени и тие не работат во знак на протест заради новиот тарифник кој предвидува намалување на наградата која ја добиваат за извршената работа. Извршителите се крајно незадоволни од предлогот на Министерството за правда според кој нивната награда од 1.000 евра се намалува на 300 евра. Протестот е најавен како еднодневен, но се уште не е познато дали и во иднина ќе продолжи.

Измените во тарифникот кои што ги предлага Министерството за правда ќе бидат готови до крајот на неделава и предвидено е по итна постапка да одат на процедура на усвојување во парламентот. Освен намалување на наградата предвидена е и опција за отпис на камати и репрограмирање на долгот кај граѓаните, како и ограничување на максималната сума која може да се еме од сметката на должникот.

Овие измени се предложени по серија протести кои ги држат граѓаните против извршителите. Тие се жалат на постапувањето на извршителите, на нивното енормно збогатување, како и на други неправилности заради кои бараат поинакви законски решенија за наплата на долговите.