Ја поправи ли Борел (не)довербата на Македонците кон ЕУ?

Ете, дојде високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, во Македонија и си ојде. Што тој остави позади себе?

Дилемата е лесна. И тој како и многумина други евробирократи пред него на Македонија и остави задачи кои морала да ги заврши. Најглавната обврска која ја даде беше – да се смени Уставот.

–Да се создадат услови да се усвојат уставните измени. Оваа година е клучна. По договорот од јули минатата година ова е најдобрата зделка што можете да ја добиете, изјави Борел.

Тој како трговец извади од актовката зделка и уверуваше дека откако народот во Македонија ќе ја плати цената ќе следи доближување до кваката од влезната врата на ЕУ. Дали со ова Борел остави и поголема верба кај граѓаните дека Брисел ќе си стои до зборот?

Познато е дека огромното мнозинство од македонскиот народ не смета дека новите ултиматуми од ЕУ се „најдобрата зделка“. Анкетите јасно покажуваат – дури 65 отсто од македонското население смета дека однесувањето на ЕУ кон Македонија е нефер, надмено и уценувачки.

Со своето доаѓање и настап дали Борел ја поправи работата – успеа ли да увидиме дека грешиме?

-Денес рекол – утре одрекол. Прв пат ли ни прават така за да и понатаму им веруваме. А проблем се и македонските сервилни политичари, беше еден од многу коментари на социјалните мрежи.

Во многуте слични коментари една од главните нитки е дека Македонија верувајќи им на дадениот збор (а најмногу веруваа политиларите) го смени и името на државата, а ветувачите не го испорачаа кажаното и затоа сега треба многу порезервирано да се следи „бриселската слаткоречивост“.

Сепак Борел овој пат во Скопје нагласи:

– Тоа што го одржавме денеска тука во Скопје овој Совет е јасен знак дека ЕУ ви се приближува и ви покажува дека Западниот Балкан и ќе продолжи да биде во иднина клучен приоритет за ЕУ, додаде Борел.

Дали македонското население ќе го препознае овој „јасен знак“ на Борел? Или пак граѓаните на Македонија ќе продолжат да праќаат свој јасен знак до Брисел – не само со зборови туку и со дела треба ЕУ да покаже дека навистина има намера Македонија да ја прими во Унијата и тоа без да се гази по достоинството на народот.

Впрочем, мнозинството во Македонија смета дека понудената „најдобра зделка“ Брисел треба да ја корегира, оти цената е превисока, а и е многу потценувачка.

 

 

 

Претходна вестУапсени тројца крадци од Битола, краделе во куќи и возила
Следна вестСписок на најсреќните нации во светот: Македонија најнесреќна во регионот