Ја слушнаа ли антидискриминаторите фалбата на МОН дека годинава се обезбедени 1,4 милион учебници?

Годинава значително е унапреден процесот на обезбедување учебници за учениците од основните и средните училишта, соопшти денеска Министерството за образование и наука. Тоа го потврдувало фактот што преку откуп на учебници за кои Министерството не ги поседува авторските права и преку печатење на оние што се во сопственост на МОН досега во 2023 година обезбеден е тираж од 1.374.324 учебници. Над 98 отсто од нив се веќе дистрибуирани, информираат од Министерството за образование и наука.

За споредба пред 5 години, како што велат, односно во 2018 година биле набавени 823.604 учебници.

-Во 2019 се набави тираж од 655.934 учебници, во 2020 вкупно 732.634 учебници. Во учебната 2021/2022 година се набавија вкупно 748.421 учебници. Податоците покажуваат дека учебникот како едно од основните полагала за совладување на наставната материја по сите предмети е значително подостапен за разлика од минатите години, истакнуваат од МОН.

Информираат дека учебниците од прво до петто одделение, за кои МОН ги поседува авторските права, годинава се целосно набавени и испорачани до училиштата, исто како и учебниците од седмо до деветто одделение, кои се во сопственост на издавачки куќи. За шесто одделение одобрени се учебниците по природни науки, македонски и албански јазик, чија дистрибуција ќе заврши во текот на следната недела. Одобрен е и учебникот по математика и по завршување сите постапки, ќе може да се печати и испорача.

-Важно е да се истакне дека по 15-ина години првпат се обезбедени нови учебници по 150 предмети во средното стручно образование, но и во гимназиското. И тие исто така етапно се печатат и испорачуваат до училиштата во согласност со искажаните потреби преку електронска апликација на Министерството пред почетокот на учебната година, се истакнува во соопштението од МОН.

Инаку, Комисија за антидискриминација неодамна соопшти дека од вкупно 126 учебници, потребни за сите задолжителни и изборни предмети во деветгодишното основно образование, на почетокот на оваа школска година Министерството за образование не обезбедило 43 учебници. Односно, дека недостигаат 34 отсто од учебниците.

-Само учениците во прво и второ одделение ќе ги добијат сите учебници. Учениците во трето одделение се без учебник по сите задолжителни предмети. Допрва следи печатење, преведување и дистрибуција. Од МОН со објаснување дека учебникот е во завршна фаза. Нема учебник по математика, ниту пак е распишан јавен повик за формирање авторски тим. Учениците од другите заедници немаат учебник по македонски јазик, предмет кој е задолжителен. МОН тврди дека причината е што пријавените автори биле несоодветни според нормативот за наставен кадар. Што и да значи тоа, изјави на 4 септември Весна Бендевска, членот на Комисијата.

Претходна вестШтрајкуваат обвинителите: Се бара зголемување на платите за 78 проценти и враќање на додатоците од 35 отсто
Следна вестУставните судии пресекоа: Нема да има етничка графа во Изводите на родени