Кандидатот за претседател на „ГРОМ“, Стевчо Јакимовски денеска пред граѓаните на Карпош порача дека бројот на пензионери постојано расте, а младите се иселуваат од земјата и затоа државата мора да се „пресвича“ и да гради институции што ќе се грижат за старите лица.
-Ако децата ни се во странство кој ќе се грижи за нивните родители? Тоа значи дека треба да се отворат пензионерските домови, односно, најмалку 15-тина пензионерски домови низ градовите во Република Македонија, рече Јакимовски.
Тој предлага да се градат геријатриски центри во склопот на општите болници, во нив да има од 20 до 50 легла и во нив сите граѓани кои се во тешка здравствена состојба да бидат згрижени затоа што луѓето не можат да најдат лице кое ќе се грижи за нив, затоа што нивните деца треба да работат или не се во државата, но државата мора да биде таа која ќе направи институционална форма и ќе води грижа за луѓето кои се во тешка здравствена состојба.
Јакимовски исто така најави дека ќе се залага е ниту едно пензионерско семејство да не остане со приход помал од 25.000 денари, а тоа значи дека секое пензионерско семејство да има барем еден минимум со кој ќе може да ги покрие трошоците за храна, лекови, греење, за вода и за други потреби коишто тие ги имаат.