Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур пресуди дека поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески неправедно бил држен во притвор додека за него траеја судските спорови. Оваа одлука се однесува на судските случаи „27 април“ и „Шпански скали“. Јанакиески во моментов издржува затворска казна од три и пол години за случајот Титаник.
-Предметот се однесува на две кривични дела. Првата е за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, а втората за злоупотреба на службената положба, при што со одлуки на домашните судови тој беше лишен од слобода. Потпирајќи се на правото на слобода и безбедност од Конвенцијата за човекови права, Јанакиески се жали на наводна незаконитост и самоволие, немање релевантни и доволни причини и недостиг на брзо преиспитување на неговото лишување од слобода. Утврдена е повреда на член 5 став 3 поради немање доволно причини за лишување од слобода на жалителот и повреда на член 5 став 4 поради недостиг на ‘брзо’ преиспитување на лишувањето од слобода на жалителот, пишува во одлуката на ЕСЧП.
Според пресудата, државата на Јанакиески ќе треба да му плати вкупна отштета од 6.100 евра. Јанакиески во моментов издржува затворска казна од три години и шест месеци за случајот Титаник.
Адвокатите Влатко Илиевски и Еленко Миланов, бранители на Јанакиески за денеска најавија прес конференција на која ќе ја образложат пресудата на ЕСЧП.