Обвинувања и контраобвинувања денеска разменија Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје и канцеларијата на градоначалничката на Скопје околу набавката на градските автобуси и трошењето на градските пари. Јанчева, која до локалните избори беше и претседателка на Советот на Град Скопје, денеска ја прозва скопската градоначалничка Данела Арсовска дека молчи за прашањето во кое својство и во чие име Христијан Мицкоски преговара за набавка на нови автобуси за градот Скопје.
-Тврдењето на Мицкоски дека тој преговарал и веќе се подготвувала тендерска документација за набавката на нови автобуси отвора сериозни сомнежи за корупција. Сомнежите за коруција се основани, особено што во буџетот на Град Скопје нема ставка за набавка на 100 електрични автобуси, во Годишниот план за јавни набавки на Град Скопје исто така не е предвидена набавка на 100 електрични автобуси. Дали зад оваа набавка се кријат приватни интереси со странските фирми со кои на сомнителен начин е одлучено да се преговара, праша Јанчева.
На оваа и возвратија од Градот Скопје со соопштение во кое ја повикуваат Јанчева да објасни зошто е празна касата на градот Скопје.
-Јанчева најдобро знае зошто е испразнета буџетската каса на Град Скопје. Ја повикуваме Јанчева ако навистина се грижи за градскиот буџет да ги врати сите средства потрошени на име угостителски услуги што таа лично ги потрошила на сметка на град Скопје. Од градот веќе е поднесена една кривична пријава за Јанчева за злоупотреба на градскиот буџет за оваа намена и очекуваме државните органи соодветно да постапат по истата, возвратија од Град Скопје.
Оттаму потенцираат дека Град Скопје и оваа градска администрација работат исклучиво за потребите и барањата на граѓаните.