Јане Сандански – душа со добрина за добрите, но и праведна злоба за грешните

Колумна на Наташа Котлар-Трајкова:

Јане Сандански (1872–1915) е најнепосредниот следбеник на Делчев, по чија смрт не постоела друга личност во движењето која можела да се претстави како негов предводник и во организациска и во принципиелна смисла. „Сандански прв по Делчев од раководните дејци на македонската револуција ги има вештината и умешноста како да ги поставува прашањата од животот на Организацијата и како да се бори како нејзин кормилар“ (Кепов).

Војвода, револуционер-идејник, општественик, тој е еден од најзначајните претставници на македонската народна интелигенција од почетокот на ХХ век, определена за  „морална и политичка револуција“. Од кога стапил во редовите на Македонската револуционерна организција (ТМОРО) во 1901 г. сé до неговата смрт, Јане води постојана и интензивна борба не толку против османлиската власт, колку против врховизмот – великобугарскиот државен национализам исполнет и со „македонски материјал“! Последново му станува и судбина, тој е убиен на 10 април (23 април н.ст.) 1915 г. на Пирин Планина (Папазчаир) на патот од Мелник кон Неврокоп во моментот „кога германскиот агент во Софија, Фердинанд Кобурготски го расчистуваше патот за новата крвава авантура, платени и испратени од него наемници успеаја да го покосат животот на најсаканиот син на македонскиот народ.

Деталите за тоа гнасно дело на бугарскиот двор се знаат… Јане како физичка личност, беше тргнат од патот на Кобурзите. Но, неговите идеи што го добија од него името с а н д а н и з а м, продолжија да живеат и да зафаќаат пошироки слоеви…“, пишува еден од Јаневите биографи. Не случајно, Александар Димитров (поранешен санданист) запишал: „идниот историчар, прелистувајќи ги страниците на минатото, за да ги карактеризира и процени македонските борби во сите нивни пројави и да ги истакне вистинските револуционерни организатори, бездруго ќе најде еден карактер, еден широк ум, една како гранит тврда волја, една душа со добрини за добрите, но и со праведна злоба за грешниците, особености достигнати само од револуционери-великани, ќе најде една личност, која го опфаќа во себе човекот на практичната акција и задлабочениот посматрач на збиднувањата околу него, револуционерот и организаторот, мислителот и апостолот на револуционерната идеја – тоа е Јане Иванов Сандански“.

Сите што пишувале за него со пиетет и познавање упатуваат на тоа дека и тој знаел како да се слее со народот, кој пак умеел да му возврати со љубов. Она што го беседел на средбите, секој негов збор проникнувал во народната душевност. Затоа пак, народот именувајќи го во легендата како „Пирински цар“, „Сандан-паша“ или „Башта (татко, б. н.) на народот“ метафорично ја претставува неговата надмоќ над другите, а особено над соперниците. Името на Јане Сандански се споменува и во македонската национална химна „Денес над Македонија се раѓа“, и тоа во сите нејзини варијанти. Писателот Владо Малески го внел неговото име во песната која настанала уште кон крајот на 1941 година како апотеоза на македонската борба за слобода и за државност. Како што е познато, овој стих во македонската национална химна, гласи: „Одново сега знамето се вее, на Крушевската република! Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Сандански!“. Ова пак, уште еднаш покажува дека и во едно од најзначајните обележја на националниот и на државниот идентитет било неизоставно спомнувањето на Јане Сандански, како личност која е синоним и симбол на македонската борба за слобода, независност и самостојност.

Претходна вестАмерикански доверливи документи: Украина би можела да остане без оружје
Следна вестКрадци фатени на дело во Скопје