Вкупно 878 пријави беа доставени на јавниот повик за финансиска помош за потрошена електрична енергија во 2025 година, наменет за лица кои спаѓаат во категоријата на загрозени корисници на енергија. Јавниот повик заврши на 30 август.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) објави дека пристигнале 227 пријави од домаќинства со еден или повеќе членови со тешка или длабока интелектуална попреченост, 296 од домаќинства со еден или повеќе членови со најтешка телесна попреченост, 201 од домаќинства со еден или повеќе целосно слепи лица и 154 од домаќинства со еден или повеќе целосно глуви лица.
Комисиите задолжени за обработка на апликациите веќе работат на нивно разгледување.
Од следната недела, обработените податоци ќе бидат доставени до релевантните институции опфатени со јавниот повик и Програмата – Министерството за труд и социјална политика, Управата за јавни приходи и ЕВН Македонија.
Комисиите, составени од тројца членови, ќе ја спроведат потребната проверка преку институциите и ќе предложат решенија до министерот.
Финансиската помош се остварува преку намалување на месечната фактура за потрошена електрична енергија во износ од 1000 денари месечно, во времетраење од 12 месеци, почнувајќи од денот на поднесување на барањето.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, изјави дека со оваа мерка се праќа јасна порака дека државата ги поддржува оние на кои помошта им е најпотребна. “Сакаме да обезбедиме сигурност и достоинство за ранливите категории потрошувачи и да им помогнеме да ги надминат предизвиците кои ги носи секојдневието.”
Божиновска истакна дека финансиската помош за електрична енергија е конкретен чекор кон поголема социјална заштита и еднаков пристап до основните потреби. “Финансиската поддршка за електричната енергија е конкретен чекор кон поголема социјална заштита и еднаков пристап до основни потреби,” рече таа.
Поддршката ќе се пресметува на месечната сметка за електрична енергија, почнувајќи од месецот по објавувањето на списокот на корисници. Според правилата, неплаќање на две последователни сметки доведува до укинување на одлуката за финансиска поддршка.
Министерството потсетува дека сè уште трае јавниот повик за субвенции за инвертер клима-уреди, кој директно ги таргетира ранливите корисници на енергија. Оваа мерка има за цел да го подобри квалитетот на животот и да ги намали трошоците за енергија во домаќинствата.
Рокот за аплицирање е до крајот на месецот, а сите информации и потребни обрасци се достапни на веб-страницата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини: https://energy.gov.mk/mk-MK/odnosi-so-javnost/javni-oglasi. са/
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:



