Јавно обвинителство: Во извидничкиот камп не се ширела детска порнографија

Во извидничкиот камп којшто се одржувал во местото Градовци, Зелениково не се ширела детска пронографија и нема место за јавнообвинителско постапување, соопшти денеска Основното јавно обвинителство Скопје. Овој орган наведе дека постапувал по поднесеното известување од СВР Скопје за кампот којшто се организирал од 24 до 26 септември од страна на извидничкиот одред „Прв Скопски извиднички одред“ со наслов „Sex Scouts, Rock and Roll“. Претходно, случајот во јавноста го изнесе родител на една од учесничките кој тврдеше дека кампот не бил само со едукативен карактер туку дека во него има елементи на детска порнографија. Тој навел дека според неговите сознанија таму се прикажувале пози на деца кои во себе содржат сексуален мотив и дејствија кои прикажуваат очигледно полово дејствие.

– По проучување на сите материјални и вербални докази, а пред се на исказите а сите кои учествувале на настанот, и тоа и извидници и водичи, како и лица од „Прв Скопски извиднички одред“ кои биле задолжени за организирање на настанот, јавниот обвинител утврди дека во конкретниот случај ни еден од елементите кои се дефинирани во Кривичниот законик како елементи на кривичното дело – Производство и дистрибуција на детска порнографија од чл.193-а од КЗ или друго кривично дело не се евидентирани во дејствијата на кој било од учесниците, се наведува во соопштението.

ЈО објаснува дека сите испитани инволвирани учесници, почнувајќи од волонтерите водичи преку самите извидници кои учествувале на настанот, наведуваат дека станува збор за настан кој се одвивал во повеќе етапи.

-Покрај класичните извиднички дејствија биле додадени и вежби и активности кои што претставуваат сексуална едукација на лицата кои што учествувале со нагласка дека станува збор за лица на возраст од 16-21 година. Дејствијата биле насочени како превентивни, но и едукативни материјали кои директно и индиректно би значеле заштита од венерично преносливи заразни болести и заштита од несакана бременост. Ова било спроведено низ игри и вежби, за кои анализата дали одговараат или не на возраста на учесниците и дали природата на вежбата е во согласност со нивните потреби  може да се врши низ социолошки аспект, но не и да биде предмет на кривично-правна одговорност, бидејќи дејствијата не ги содржат елементите на предметните кривични дела предвидени во законот, наведуваат од ЈО.

Се додава и тоа дека во прибавените материјали од одземениот мобилен телефон од учесникот кој што според подносителот на пријавата вршел фотографирање на настанот, не може да се забележат содржини кои имаат елемент на порнографија или детска порнографија. Односно, ниедна од анализираните содржини не укажува на материјал кој визуелно прикажува очигледни полови дејствија со дете или повозрасно лице кое изгледа како дете.

Претходна вестУкраина со нов услов во преговорите, Русија не сака да го изложува Киев на голем воен ризик
Следна вестВМРО-ДПМНЕ: Инфлацијата ги јаде примањата, владата не презема ништо