Јавноста има основано право да не и верува на министерката Царовска

Колумна на Борче Милошески:

Како и за целокупниот нов образовен концепт, така и овој пат, во однос на најавата за целосна употреба на електронска форма на учебниците, голем број на стручњаци од областа на образованието изреагираа дека овој потег на министерството е донесен со брза одлука, повторно, без соодветна консултација со практичари во образовната дејност. Во продолжение, наместо да се задржам околу негативните и позитивните страни од ваквиот концепт за учебниците, нешто за што веќе многу поучени луѓе од мене во однос на проблематикава проговорија, ќе се обидам да опфатам друг аспект на приказнава. За само приближно три дена, беше формирана ФБ група со над 60 илјади членови  (до моментов додека го пишувам текстов) од страна на граѓани кои се спротиставуваат на оваа одлука на министерството како и ветувањата за ,,дебатите”, кои ги најавуваше министерката за првичната најава за новиот концепт, кои реално не се случија, така и сега, наместо отворена дискусија и дообјаснување за јавноста, од министерката добивме порака дека родителите не треба да потпаѓаат под нечии влијанија на ,,партиски ботови”.

Како дополнување, би навел дека, освен, паушални изјави кои повеќе наликуваат на план за импровизација отколку на реален и сериозен пристап, не беше прикажана некаква сериозна анализа од МОН во однос на техничката подготвеност кај децата од посиромашните средини. Понатаму, јавноста не доби објаснување кој е планот во однос на дигитализацијата на помошната литература за основното и средното образование и дека тоа по некоја логика би требало да оди како паралелен процес. Беа изнесени од страна на министерството и примери од држави од Балканот и пошироко каде што наводно сличен модел функционира, но, доколку се подистражи повеќе, ќе се забележи дека овие примери не одговараат во целост со приказната која ја пласира МОН.

Речиси сите чекори кои досега беа направени од страна на МОН, во поглед на целокупната промена која според сите најави би требала да следи, беа обвиени со, можам да кажам одредена доза на  тврдоглавост, дезинформации, дефокусирање во однос на забелешките за сериозни пропусти и без можности за сериозна дебата помеѓу стручњаци со различни спротиставени мислења. Со ваков однос, дури и навистина да станува збор за најдобрата реформа во светската историја на образованието, јавноста има основано право да не и верува на министерката и да реагира како што генерално реагира овие денови, организирајќи отпор против нејзиното, во голема мера, самоволие.

Претходна вестДенешново Скопје не го препознавам, има се помалку скопјани и обележја што ги паметам
Следна вест„Празнично“ се делеле казни на 170 недисциплинирани возачи