Јовевски: Шпекулации се дека пожарот настанал поради туби со нафта

Државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески ги оцени како шпекулации наводите дека пожарот настанал поради туби со нафта и очекува истрагата да даде појасни информации. Како што изјави за БТВ, при увидот на опожарениот автобус на автопатот „Струма“, видел пластични туби кои не изгореле.

Јовески објасни дека во моментов во Македонија се зема биолошки материјал од роднините на загинатите за да се направат ДНК тестови и да се идентификуваат телата. Тој рече бугарските обвинители работат на истрагата, и дека македонското обвинителство ќе се активира дури откако случајот ќе биде истражен од бугарските обвинители, бидејќи тие нема да најдат ништо паралелно.

Во моментов македонското и бугарското обвинителство добро соработуваат, додаде Јовески. Засега не е познато дали причината за несреќата е човечка грешка или дефект на автобусот. Тој кажа дека автобусот бил речиси нов, само три години, а во октомври поминал на технички преглед.

Агенцијата „Беса транс“, чиј автобус изгоре, а во него загинаа 45 македонски државјани, негира дека се превезувале резерви со нафта или други горива, а немало ниту пиротехнички материјали. Ова е трето нивно обраќање по трагедијата, а второ преку кое се бара од медиумите и јавноста да не се изнесуваат шпекулации. Оттаму велат дека само истрагата може да ги даде точните информации за несреќата.

Како агенција ја известуваме јавноста, како и семејствата на трагично загинатите дека автобусите во никој случај немале никаков багаж со нафта или пиротехника. Ова се шпекулации од страна на оние кои сакаат да ја искористат оваа трагедија. Целосниот капацитет на автобусот бил 450 до 500 литри нафта, само за користење за потребите на автобусот. Уште еднаш ги замолуваме медиумите да не ги користат овие дезинформации со кои уште повеќе ги повредуваат семејствата, велат од „Беса транс“.

Реакцијата на компанијата доаѓа откако дел од бугарските медиуми објавија, а македонските пренесоа, дека во автобусот имало резервно гориво, поради кое возилото изгорело брзо. Бугарските експерти, меѓу кои Симеон Ананиев, претседател на Здружението на вешти лица за БТВ, кажа дека се стравува дека во автобусот можеби имало и пиротехнички средства кои се запалиле. Ова од одредени портали беше пренесено како фактичка состојба, иако нема потврда од Обвинителството, ниту истрагата.