ЈП „Лајка“: Се шири кучешка чума, не е опасна по луѓето

Од почетокот на декември е констатирана појава на инфективна болест штенечак – кучешка чума (Canine distemper) кај вкупно 5 заловени кучиња на скопско подрачје, информира ЈП „Лајка“. Ова градско претпријатие за грижа за животните наведува дека штенечакот е заразна болест предизвикана од вирус кој ги напаѓа респираторниот, гастроинтестиналниот и нервниот систем кај млади, но и кај возрасни кучиња.

-Таа доколку навремено се детектира и соодветно се третира може да се излечи. Кучињата најчесто се инфицираат преку кивање и кашлање од заболено куче. Станува збор за вирусно заболување од високозаразна природа кое пред неколку месеци се појави и на улиците во Скопје, исклучително ризично по животот на заловените кучиња, без никаква опасност по здравјето на луѓето, наведуваат од „Лајка“.

Од појавата на првите пет случаи на почетокот на декември постојано се јавува нов број на позитивни случаи кај нови кучиња, кои пројавуваат симптоми, бидејќи болеста има долга инкубација од неколку недели. Веднаш по констатирањето на првите случаи, согласно стручните ветеринарните препораки и насоки, преземени се низа превентивни мерки. Така, на сила е забрана за заловување и враќање на бездомни кучиња во период од 30 дена, поради долгата инкубација на болеста и следствено, опасност кучињата да пројават знаци на болеста веќе откако ќе бидат вратени на локација.

-Затоа, во периодот од 30 дена во стационарот ќе се прифаќаат само кучиња кои се пријавени за агресивни или кои каснале граѓани. Се врши втрешна реорганизација, дезинфекција и санација на сите оддели – карантин, интензивна нега, пост-оперативен дел и вдомување. Во моментот сме под карантин, со што сме спречени активно да работиме на решавање на проблемот со уличната популација на кучиња. Застојот на програмата залови – стерилизирај – вакцинирај – врати ќе биде бргу надоместен во наредните месеци, но во моментов е недозволиво да се импровизира, нагласуваат од ЈП „Лајка“.

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Во само еден ден нови 137 административци, а нема пари за студентски оброк и за лек за цистична фиброза
Следна вестСДСМ: Мицкоски лажеше за бугаризацијата