ЈП „Лајка“ в сабота ќе понуди вдомување на 105 кучиња

Вкупно 105 кучиња в сабота ќе бидат понудени на вдомување од страна на скопското јавно претпријатие за грижа за животните „Лајка“. Во објавата од ова градско претпријатие се потенцира дека на сите овие животни бескрајно им треба љубов, семејство и дом.

-За вдомен миленик не плаќате ништо, вашиот мелез е единствен и уникатен, вдомувајќи спасувате нечиј живот, добивате безусловна љубов и верен пријател, вашиот пример ќе биде поттик за некој друг, порачуваат од „Лајка“ до граѓаните.

Оттаму додаваат дека многумина не се доволно информирани за судбините на бездомните животни и причините зошто се на улица.

-Човекот како фактор, неодговорното сопствеништво, неконтролираното размножување и напуштање се примарен причинител за нивната прекубројност. Животните на улица се осудени на тежок живот, секојдневие исполнето со страв, трауми, глад, предвремена, најчесто насилна смрт. Но, хуманоста е „заразна“, а една позитивна приказна влијае и менува многу. Со вашата одлука вие спасувате еден живот, а притоа давате позитивен пример на сите останати. Благодарение на таквите, сè поголема е бројката на поединци кои вдомиле, ќе вдомат и ќе спасат живот и кои стекнале прекрасен, верен и уникатен пријател, наведуваат од „Лајка“.

Претходна вестЕвропскиот парламент експлицитно бара меѓународна истрага за изборите во Србија
Следна вестКрмов: „Левица“ со 485 амандмани го блокираше наменски закон за урбанизам