ЈСП „Скопје“ должи 1,5 милиони евра на приватните превозници, ако не ги добијат парите ќе секнат 16 автобуски линии

Приватните автобуски превозници во градот од следната недела ќе го сопрат сообраќајот на 16 автобуски линии што го одржуваат доколку ЈСП „Скопје“ не им врати макар дел од натрупаниот долг од околу 93 милиони евра, односно, околу 1,5 милиони евра. Денеска приватните возачи од двете приватни компании организираа собир на кој рекоа дека повеќе не можат да земаат кредити и да го одржуваат превозот.

До петок ЈСП со помош на Градот ќе треба да исплати половина од долгот кон приватните превозници „Слобода превоз“ и „Макекспрес превоз“. До почетокот на следната година долгот од над 93 милиони денари (5,73 милиони евра) кон двете компании треба целосно да се раздолжи. Моментално, според одлуката на Град Скопје, надоместокот за извршени услуги во линискиот превоз на патници, се врши по критериумот – остварен километар изнесува едно евро по километар.

ЈСП на „Слобода превоз“ ѝ должи 65 милиони денари заклучно со септември, додека долгот кон „Макекспрес превоз“ за 2,5 месеци изнесува 28 милиони денари, суми кои според договорот треба редовно да се исплаќаат на неделна и месечна основа.

– Договорено е до петок да ја добиеме половината од долгот за изминатите два месеца кој за нашата фирма е 43 милиони денари, а потоа да се воспостави редовна неделна исплата на авансите од 70 отсто од сработеното, исплата на месечните фактури и дополнителна сума на пари од дел од долгот за да може целиот процес да заврши до крајот на годината и во следната година да влеземе со нула долг, изјави Ленин Јовановски од „Слобода превоз“.

Тој додава дека ако ова не се испочитува тогаш ќе бидат принудени да го намалат бројот на автобуси на линиите во Скопје.

Милорад Димитриевски од „Макекспрес превоз“ изјави дека ЈСП ги нема исплатено обврските кон нив за јули, август и веќе за септември. Досега им должат 28 милиони денари.

Приватните превозници очекуваат да се промени и пресметката на надоместокот за извршен линиски превоз, бидејќи сите влезни трошоци се зголемени неколкукратно.

– Со градоначалничката Данела Арсовска договоривме посебна комисија од одделот за сообраќај да го анализира проблемот и да направи пресметки во кои ќе влезат новите цени на горивата и другите репроматеријали. Ако се вклопуваат во следниот буџет да бидат и прифатени,  вели Јовановски.

Претходна вестПриведени двајца крадци кои ограбиле куќа во Морани
Следна вестПоднесено обвинение против Мухамед Зеќири, го оштетил државниот буџет за 1,5 милион евра