Каде им е достоинството на македонските функционери?

За да бидеш почитуван и уважуван мора да имаш знаење, да си вреден и да имаш достоинство. Ова беше една од главните лекции за животот која наставничките ни ја раскажуваа додека бевме школарци. Биле ли на тие наставни часови македонските политичари?

Околу нивното знаење и работливост – јасна е работата. Но, населенито во Македонија се повеќе се прашува – каде им е на тукашните функционери достоинството?

Ќе дојдат странци и ќе им речат: Треба да го смените државното знаме; да си земете „времена“ референца како име за државата за да влезете во ОН; да направите приватизација таква што ништо да не остане здраво; да си го смените името на државата; да се откажете од делот на историјата; да ги заборавите Македонците во соседните земји; да си признаете дека имате други национални корени, да го реформирате образованието и здравството по наш терк, да…  и нашиве политичари насмеани и среќни дека странците се фотографираат со нив сето тоа го прифаќаат и спроведуваат.

Слично е и по дома, ќе кажат на македонската јавност- ова мора вака да биде – ама коалиционен партнер ќе им сржи и наеднаш не се оние големите и одлучни лидери какви што се самопрезентираат..

Чуден начин на покажување на достоинство. Наставничките што оценка би им ставиле?

За преодна оценка ли е што нашите политичари, државни раководители, лидери менуваа имиња на државата, менуваа знамиња, закони, историја, Уставот, и се уште преговараат соочени со блокади и уцени давајќи сигнали дека се подготвени да бидат послушни и понатаму.

Еден поранешен премиер дури и отворено порача: Нас ни треба камшикар. Во друга пригода рече: Треба да се свитка кичмата и Македонија мора да направи остапка… 

И што доби свитканиот во кичмата? Тапшање по рамо, најава за нобелова награда, му дадоа едно пенкало да го бакнува…, а Македонија, која нели тој ја брани и сака, доби многу, многу странски пораки: „наскоро ќе дојде датумот“, „ние ве сакаме меѓу нас“, „работиме напорно за доброто на вашата земја“…

Сега што наставничките да ги учат децата во школо? Досегашните министри, премиери и претседатели треба ли да им бидат пример за достоинство или ич да не ги споменуваат во лекциите, да си земаат примери од други држави каде има друг тип на лидери?

Крајно време е македонските политичари да се запрашаат до каде води ова нивно однесување? Каков пример со чувањето на националното, државното па и личното достоинство им се остава на најмладите генерации? Или нив им одговара да се избрише таа лекција за достоинството? Така полесно ќе се избришат и лекциите по историја, јазик… оти тоа го бараат нивните „наставници“ од надвор.

 

Претходна вест34-годишник го запалил центарот „Иван Михајлов“ во Битола
Следна вестКире Лазаров: Завршува мојата играчка кариера, сега како тренер ќе поместуваме граници