Како Александар од Карпош го ослободи тротоарот пред ОУ „Владо Тасевски“

 Да се движиш по тротоари во Скопје е тешка работа. Преполни се со возила, нема место за пешаците. Така узурпираните тротоари по градот, по правило, можат да се ослободат само на еден начин: со поставувањето на столпчињата, на жардињери или пајакот нон-стоп да е на лице место. Но тоа на многу улици го нема.

Затоа, Александар Билбилов, жител на населбата Козле од скопски Карпош, тргнал со свој начин да го реши проблемот. Како? Со постојано апелирање на свеста и совеста на оние за кои тротоарите се места за паркирање, а не за движење на пешаците… Се почнало во септември минатата година, со почеток на учебната година кога тој секојдневно ги носел двете деца во ОУ „Владо Тасевски“ кое е оддалечено околу 300 метри од нивниот дом.

 Ние тројцата заедно одиме од нашата зграда на левиот тротоар како и многу други деца. Тој тротоар од 1,5м го проширија пред 4-5 год кога ја асфалтираа улицата и истиот е безбедна патека за половина од децата на училиштето. Но, секојдневно ние родителите се соочувавме паркираните возила на истиот тој тротоар. Тоа не приморуваше и нас и другите деца да ги заобиколуваме возилата, да чекориме на улицата помеѓу возилата во сообраќај. Ситуацијата е потрагична бидејќи возачите на тие паркирани возила се всушност родители на деца кои ги носат своите деца во училиште со автомобил. Не можев да се помирам со логиката дека паркирање на тротоарот и загрозување деца е поприфатлива опција од паркирање на улица и попречување на сообраќајот, ни раскажува Александар.

Заедно со своите деца на компјуртер изработиле и испринтале леток на кој е прикажано дете пешак кое преминува улица и со ненавредливи но директни пораки: „Децата ни’ се на улица! – Биди одговорен не паркирај тука“. И така, секој ден од втората недела на септември минатата година, секојдневно тој и неговите деца оставале по еден таков леток на паркираните возила на тротоарот на улицата „Јуриј Гагарин“. Секое возило добивало леток.

Верував дека со апелирање на совеста и со социјален притисок од реакциите ќе им се подигне свеста и промени однесувањето. Реакциите на возачите се разликуваа од крајно свесно апологетни до многу агресивни и навредливи. Клучен беше пацифистичкиот приод со комуникација преку летоците без впуштање во дискусија. Кога некои други родители видоа што правам и тие ми се придружија, побараа да им дадам летоци за и тие да ставаат на таквите возила, раскажува Александар за „Скопско ехо“.

Битката воошто не била куса. Траела речиси цело прво полугодие. Дури тогаш почнало да ги снемува  возилата од тротоарот по кој сигурно се движеа ученици. Не паркираа веќе дури и оние кои остро реагираа на почетокот. Возилата со кои родителите ги остваат децата за на училиште се паркираа во колона на улицата и потоа продолжуваа, а за сигурност помага и редар кој го постави училиштето. Со почетокот на второто полугодие проблемот беше решен, а сега останува да се види дали кога училиштето пак ќе почне со работа, навиката кај родителите – возачи останала трајна.

-Ова покажа дека делување со пример прави позитивна промена. Кај некои возачи беше доволно само воочување, но за друг потребно беше социјален притисок врз нив. Ниската сообраќајна култура е резултат на недоволно казнување за сообраќајни прекршоци, а граѓанската/социјалната некултура е резултат на недоволно реагирање на околината врз социјално неприфатливо однесување, ни рече овој граѓанин.

Тој смета дека паркирањето на тротоар, посебно пред училиште, треба да е строго казнив акт бидејќи директно се загрозува најскапоцената и најранливата група во општеството, децата.