Како да се избега од срамот за она што си го направивме на себе си?

Колумна на Владимир Величковски:

Седам дома, принудно затворен (моето повлекување сепак трае подолго време) според пропишаниот протокол; нешто правам, збунет и без активност која би била корисна; во секој случај во паника, гнев и страв кои фрустрираат. Притиснат од состојбите си создавам свој свет од безгласни и немоќни луѓе-сенки, во сиви и темни тонови формирани од сеќавања и навики. Културата, уметноста и образованието потонаа – не се во фокусот на вниманието и интересите; сите тие се третираат далечински информативно. Исчезна интерактивниот момент, магичната сила на творештвото кое лесно се престрои во инстант обезличување. Потребна е радикална реформа, посебно критичка ревалоризација на македонската уметност.

Скопје од убав град стана грдо место за живеење, град на духови. Луѓето подигнаа ѕидови, а меѓу нив владее недоверба и омраза. Во моменти на вонредна состојба улиците на градот се пусти и тивки, без тајна во нив и без луѓе кои не чекаат; чувството е меланхолично и без убавина, морничавост што ја зголемува осаменоста и желбата да најдеме малку светлина во себе. Се обидувам, но и знам дека постои аналогија меѓу моето расположение и одделни примери во уметноста на сликарството, филмот, литературата, музиката (Де Кирико и Хопер, Ален Рене како и во филмовите на Антониони, Вендерс, Џармуш, Ларс фон Трир, Монтеверди, Шопен… За момент, во интерес на интроспекцијата изчезнува бучавата и хаосот, создадениот „тотален кич“ и примитивизмот во градот разнебитуван од некои „нови диви“.

Како да се избега од безаконието и хаосот, од срамот за она што самите си го направивме на себе? Не гледам можност за еден таков потфат на промени? Единствена можност, барем за момент „да излезам од себе“ е кога ќе ја видам внуката, весело разиграната и кога ќе почнам да сликам, чин што ослободува и создава едно посебно доживување. Ги видовме „сите цветови на злото“, дома и во современиот свет, меѓутоа најновото зло во светот го фрла човештвото пред судбински одлуки. Голема одбојност чувствувам кон „нашата“ идеологија која подразбира да се заземе страна, а тоа значи тешка поделеност и губење сила и воља да се издржи на сопствениот пат, кој барем за сега изгледа дека е изгубен. Творечкиот чин е ослободување, дава сила за себеспознавање и афирмација на сопствениот идентитет, кој се развива по силата на промените.

Претходна вестТројца пациенти починале, 109 новозаразени од вирусот
Следна вестПак шверцер на мигранти загрозил многу животи бегајќи од полицијата