Kaкo намерно да нема доволно контроли, како да се кријат големите загадувачи

Со Марјан Ненов, активист во „Движењето за чист воздух“ зборуваме за состојбата околу загадувањето со воздухот и мерките кои се преземаат од страна на надлежните органи

Дали надлежните државни и општински органи преземаат соодветни и добри мерки за справувањето со загадениот воздух?

-Надлежните државни органи не превземаат никакви конкретни мерки за справување со загадениот воздух, само зборуваат за желби за поквалитетен живот и се фалат со донесени стратегии. Имаме впечаток дека намерно се одложуваат мерките, намерно е мал буџетот за борба со загадувачите, намерно нема доволно инспекциски контроли… Како да се кријат големите загадувачи.

Заменик-министер Јани Макрадули порача да не им се верува на „Али експрес“ мерни инструменти, туку само на државните…

-Како да му се верува на човек кој 2013 та, како опозиција вели дека загадувањето е огромно, мерните станици не работат, а пред некој ден изјавува дека сме параноични, воздухот е чист, при тоа се знае дека за три години не е набавена и инсталирана ниедна нова мерна станица, а постоечките се расипуваат “автоматски” за време на огромни пикови. Несреќниот Заменик сака да го оттргне вниманието од најголемите загадувачи и да развие чувство на вина кај граѓаните за да ќутат и не се бунтуваат против загаденоста. Поразително и симптоматично е тоа што и некои квази еко активисти имаат потреба постојано да го бранат Министерството, па заедно ги прашуваме: Зошто постојано се извртува вистината дека индустријата и енергетиката се најголемите загадувачи? Дали поради ова некој е награден од загадувачите?

Кога ние како еко активисти покренавме иницијатива и донесовме и инсталиравме мрежа од сензори, не од „Али експрес“ туку од европска компанија и сертифицирани, бевме јавно нападнати од лица од Министерството, Инспекторатот и квази еко – активистите. Зошто една ваква мрежа на сензори позади кои има интелигентен софтвер со кој може да се детектираат со одредена прецизност вистинските загадувачи им смета?!!! Дали се плашат дека нивните “соработници“ ќе се налутат и ќе ја прекинат соработката со нив?

Што предлагате да се прави итно за да се добие почист воздух?

– Најпрво треба да се реагира кај изворите на загадување. Треба да се забрани користење на нафта, јаглен, мазут и РДФ, односно ѓубре, како алтернативно гориво во индустријата и за загревање во урбани средини и места каде нема поволна ружа на ветрови. Под итно треба да се донесат IED и WE директивите на ЕУ за контрола на директните емисии на јаглеродни и азотни оксиди, жива, диоксини, фурани и тешки метали во оџаците на фабриките и разно разни погончиња и отпади. Да се мерат и реагира и на други параметри освен ПМ честиците, односно Јаглеродни и Азотни испарувања кои предизвикуваат кисели дождови.

Во реакција преку соопштение, како здружение, ги посочувате главните загадувачки проблеми во градот – Цементарница, Железара, Дрисла…

Не се тие проблемот сам по себе, туку што горат, во кои количини, во кои периоди, дали имаат соодветни филтри, колку често се одржуваат филтрите и нивната спрега со царина, Министерството и Инспекторатот. Од пред некој ден ОЈО се изјасни дека нема елементи за кривично гонење и покрај тоа што Дрисла нема А интегрирана дозвола, има нерешен управувачки статус, не е вложено ниту евро во изградба на фабрика за рециклирање со соодветен инсенератор и канали за отпадни води, а сепак работеле по сите прописи и воопшто не загадувале.