Како новинарите не научија дека е доста од негативни вести на телевизија?

За Ивана Тасев, новинарка која сега е ангажирана во областа на односи со јавноста, потребна е радикална промена во изборот на содржините кои им се презентираат на нашите сограѓани од страна на теелвизиите.

Што сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат и да го сменат каналот?

-Кусогледиот политички блок на ТВ програмите. Истурени тони лаги, непродуховеност, навредлива неписменост, банален кич, изместено квази интелектуализирање. Вртење во круг на едни исти физиономии. Здодевно, дегутантно политиканство, кое служи само за потсмев. Не знам како во 21-от век новинарите конечно не сфатија дека не добиваат на сериозност ако во „breaking news“ постојано ги вртат овие анемични и атрофирани ликови и прават ѕвезди од нив, наспроти креативците, кои особено во последно време ја извезуваат земјава по добро во светот. Како не научија дека доста е од хроничен тренд на негативни вести. Дека вестите за светските успеси на уметниците и спортистите… не се само вест од културата или од спортот или од науката, туку е одлична вест за земјава и не треба да одат пред временската прогноза, туку на почеток. Кажете ми едно политичко име кое ја проби земјава во светот по добро, јас можам да ви набројам повеќе уметници и спортисти, кои го обелеа образот на оваа земја во светот.

Што би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?

-Она што го говорам погоре да го свртам начинот на известување наопаку за да добијат правилно течение и логика.

Дали Скопје е доволно застапено како тема на македонските телевизии, дали главниот град е доволно откриен како новинарска и секоја друга тема?

-За да се говори за Скопје, треба првин да се познава градот, неговата постара и понова историја и кога велам понова, не мислам на оваа историја која почнува со Скопје 2014-та, туку онаа наназад, неговите развојни амплитуди низ историјата, онаа која ние скопјаните ја паметиме и нашите родители и дедовци и баби. За да се говори правилно за Скопје, треба во ноздрите да го имаш мирисот на градот, оној кој го паметиш и ти и твојот татко и твојот дедо, за да можеш од денешен ракурс новинарски и аналитично да му пристапиш на градот. За да знаеш да говориш за Скопје треба да си искачал пред Ескимо и Крин, во Ани и Бони, во Кристијан…. Се уште со сестра ми знаеме да влеземе во првиот влез на Градски Ѕид за да го почувствуваме истиот мирис, кој го паметиме од деца, каде што изразнавме… и да си поќутиме, бидејќи тоа се ретки моменти, каде Скопје уште не потсетува на Скопје. Сега таму ќе го сечат дрворедот и ќе ја  прошируваат улицата. И „кучкар маало“ е изобличено. Простете ако не ви одговорив на прашањето, ама мислам дека ја доловив поентата, колку и како се зборува за Скопје денес во медиумите и кој тоа таму зборува за него.

Што им препорачувате на скопјани да гледаат на ТВ?

-Не се чувствувам повикана да препорачувам некому што би требало да гледа на малите екрани. Интересот зависи од личниот светоглед на секој човек, над се од домашното воспитување. Во зависност од тоа се гради и погледот, дали еден човек кога ќе седне пред телевизорот ќе „пие“ во еден здив турски и шпански серии или ќе посака да погледне одлична документаристика или филм. Телевизиите добро го имаат дијагностицирано пулсот на народов и неговиот психолошки пресек, затоа и статистиката покажува, кои тв програми се најгледани – сапунските тв серии од „шљ“ категорија.