Како тргнало со крпењето на булеварите, може е време за субвенционирање хелихоптери

Во Скопје се зголемува нервозата на сообраќајниците. Уште една главна улица ќе биде блокирана заради градежни работи. Станува збор за булеварот „Партизански одреди“ што од утре ќе биде со привремен сообраќаен режим на потегот од мостот „Обединети Нации“ до ул. „Московска“, односно целосно за сообраќај ќе биде затворен делот од булеварот од кружниот тек кај Порта Влае, до крстосницата со улица „Московска“ (кај ТЦ Сити мол), во правец на движење од Ѓорче Петров кон Центар.
Разбирливо е дека улиците треба да се поправаат. Но мора да има некој ред и план. Истовремено се почнуваат многу работи на главни сообраќајници, мостови…
На пример денеска, сликата беше тензична на мостот кај Владата. Околу 16 часот, две ленти од вкупно трите на потегот од „Мавровка“ кон Влада се затворени. Се создава хаос во минута, а како се приближуваат возилата кон Влада, всушност се гледа дека буквално ништо не се работи, но лентите се блокирани. И тоа трае со денови.
Секаде во Европа ваквите градежни работи се одвиваат во предизгрејсонце, или доцна навечер, пред густиот сообраќај да започне. Само кај нас се блокираат клучни сообраќајници во среде шпиц, преку ден, со денови, месеци.
-Како што тргнало, ни електрични тротинети не не спасуваат, ќе ни требаат хеликоптери за да стигнеме од Аеродром до Влае, коментираат иронично скопјани на социјалните мрежи.
И навистина, можеби е време Градот да размисли за субвенции за приватни хелихоптери, оти во градежнава ажурност и градското планирање ни велосипеди не помагаат за стигнување од точка А до точка Б.