Каква плочка треба да се стави на високoкатницата на ЕЛЕМ и ЕВН?

Многу чиреви има на главниот плоштад во Скопје. Лекар не се најде. Еден од најголемите е зградата на ЕЛЕМ и ЕВН. Искинати заштитни мрежи и скелиња кои одамна не се во употреба и натаму стојат околу висококатницата во најстрогиот центар на градот. Мрежите се кинат се повеќе и се делува напуштено, грдо. Така е последниве две години. Нема скопјанец или гостин во градот кој, кога ќе поминува низ центарот на градот, да не погледне кон ова здание кое од некогашен познат мотив, сега стана објект кој го нагрдува централното градско подрачје. Скопјани имаат се помалку разбирање за ваквиот застој на работите.
-Дури и да има промена на планот за изградба на фасадата, до сега се требаше да биде завршено. Кинезите за две години прават цел нов град, ни вели центарката Олгица.
Сепак, очигледно е дека се уште ќе мора да се чека реакција и од компаниите и од инспекциите. Може плочка ќе и стават на зградава, на која пишува – ова е споменик од периодот кога никому не му беше гајле за изгледот на Скопје.